Marcus Brogden
08 Мај 2016•Ажурирај: 10 Мај 2016
СЕУЛ (АА) - Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун, на 7-от Конгрес на Работничката партија својата земја ја прикажа како „одговорна” членка на глобалната заедница на земји со нуклеарно вооружување, објави денес државната севернокорејска новинска агенција KCNA, пренесува Anadolu Agency (AA).
Игнорирајќи ги резолуциите на Обединетите нации (ОН) за ограничување на нуклеарните амбиции на Пјонгјанг, Ким понуди „нормализирање” на односите со нациите и ставање крај на нивниот непријателски став кон Северна Кореја, ветувајќи дека „ќе се бори за глобалната денуклеаризација”.
Последните казнени мерки на ОН беа наметнати како резултат на четвротото нуклеарно тестирање на Северна Кореја во јануари и последователните ракетни лансирања.
„Како одговорна земја која поседува нуклеарно оружје, нашата република истото нема да го користи, со исклучок само доколку е загрозен нејзиниот суверенитет од страна на агресорски непријателски сили со нуклеарно оружје”, изјави Ким на првиот партиски Конгрес во последните 40 години.
Оваа година Северна Кореја ја интензивираше својата агресивна реторика насочена кон Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја, особено во периодот кога двата сојузника ги изведуваа своите, досега најголеми, воени вежби.
Вашингтон и Сеул, најверојатно, нема да бидат понесени од понудата на Ким за подобрување на односите со оглед на нивните доследни барања Пјонгјанг првин да се обврзе на своја денуклеаризација.
„Додека (тој) ја нарекува својата земја одговорна земја со нуклеарно оружје, (тој) ја спомена денуклеаризацијата на светот. Тоа значи дека Северна Кореја нема намера за своја денуклеаризација”, изјави денес висок претставник во владата на Јужна Кореја за локалната новинска агенција Јонхап.
Официјалните извештаи укажуваат на тоа дека Ким се ориентира кон двојната политика препознатлива за неговиот дедо, покојниот лидер на Северна Кореја Ким Ил Сунг, со оглед на тоа што фокусот на овој Конгрес беше ставен на економијата и на нуклеарниот развој.