Ekip
21 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
РИЈАД
Арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија во Јемен денес соопшти дека пресретнала беспилотно летало полно со експлозив, испукано од бунтовниците Хуси кон саудиските територии, известува Агенција Анадолија (АА).
Во коалициската изјава, цитирана од саудиската државна новинска агенција СПА, се вели дека воздушната одбрана пресретнала и уништила беспилотно летало испукано од Хусите кон Хамис Мушаит, југозападно од Саудиска Арабија.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека презела „оперативни процедури за заштита на цивилите и цивилните области од такви напади во согласност со меѓународното хуманитарно право“.
Хамис Мушаит е земјоделски и индустриски град во кој се наоѓа воздушна база. Во последниве години, беше цел на напади со беспилотни летала од бунтовниците Хуси.
Бунтовничката група допрва треба да ја коментира изјавата на коалицијата.
Хусите, поддржани од Иран, често извршуваат ракетни напади и напади со беспилотни летала врз саудиските територии, тврдејќи дека тие се реакција на нападите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз Јемен.
Јемен е средиште на судири од 2014 година, кога Хусите, поддржани од Иран, зазедоа поголем дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше следната година кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа голема воздушна кампања за враќање на освоените подрачја од Хусите, поддржувајќи ја просаудиската Влада на земјата.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, конфликтот однесе повеќе од 233.000 животи.