Haydar Hadi
26 Јуни 2016•Ажурирај: 27 Јуни 2016
БАГДАД (АА) - Командантот на здружените ирачки сили кои учествуваат во акцијата за ослободување на градот, Абдул-Вахаб ал-Сади, соопшти дека акцијата е успешно завршена и дека целата територија на тој ирачки град е ослободена од елементите на терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ирачките сили влегоа во местото Ал-Јулан, последниот кварт кој во Фалуџа беше контролиран од страна на терористите на ДАЕШ а со тоа и успешно е завршена операцијата за ослободување на градот кој започна од 23-ти мај. Од квартот Ал-Јулан им честитаме на ирачките сили и на народот. Операцијата е завршена”, изјави командантот на здружените ирачки сили Абдул Вахаб ал Сади за ирачката државна телевизија.
Ал-Сади изјави дека за време на операцијата во Фалуџа убиени се најмалку 1.800 терористи на ДАЕШ, и најави дека ирачките сили во наредните денови ќе работат на расчистување на минско-експлозивните направи кои терористите ги оставија во Ал-Јулан пред своето повлекување.
Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади десет дена претходно објави победа над ДАЕШ во Фалуџа кога ирачките сили влегоа во центарот на градот и го ослободија комплексот на зградата за јавни управи.
Според податоците на ОН, за време на операциите за ослободување на Фалуџа градот го напуштиле најмалку 85.000 цивили.
Фалуџа беше прв ирачки град кој терористите на ДАЕШ го зазедоа во јануари 2014 година, а според најавите на ирачките официјални лица во наредниот период ќе биде покрената слична операција за ослободување и на Мосул, вториот најголем град во Ирак, кој исто така веќе повеќе од две години е во рацете на ДАЕШ.