БЕРЛИН (АП) - Поранешен еврокомесар за проширување на Европската Унија ги критикуваше германските политички лидери поради апелот за прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ, пред сојузните избори во земјата в недела, јавува Anadolu Agency (AA).
Гинтер Ферхојген, во ексклузивното интервју за Anadolu Agency (AA), рече: „Мислам дека и канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот ривал Мартин Шулц се свесни оти Германија не може едноставно да ги откаже преговорите за членство на Турција во ЕУ.
За да се случи тоа, сите останати членки на ЕУ треба да го поддржат таквиот потег. Но, тоа не е така“.
Меркел, која ги предводи Христијанските демократи на изборите в недела, се соочи со огромен притисок од политичките ривали за да го заостри својот тон кон Турција поради политичките тензии меѓу Берлин и Анкара.
Таа вети дека ќе ја зголеми можноста за замрзнување или прекин на преговорите за членство на Турција на Самитот на лидерите на ЕУ следниот месец.
Претходно, нејзиниот најголем ривал, лидерот на Социјалдемократската партија (СПД), Мартин Шулц, повика на итно стопирање на преговорите со Турција за членство во ЕУ и за замрзнување на претпристапното финанисирање.
Ферхојген, кој беше еврокомесар за проширување од 1999 до 2004 година, изрази загриженост за растечката реторика против Турција во текот на изборната кампања во Германија.
„За ова има две причини: драматичното влошување на односите меѓу Германија и Турција во последните две години... и длабоко вкоренетиот страв меѓу одредени Германци [од] имиграцијата на муслиманите“, рече тој.
Сепак, Ферхојген истакна дека прекинувањето на разговорите за членство на Турција во ЕУ нема да помогне во решавањето на политичките несогласувања меѓу европските престолнини и Анкара.
- Стратешки приоритет -
Истакнатиот германски политичар предложи алтернативна политика, којашто, рече тој, исто така може да се однесува и на загриженоста на Европа за последните случувања во Турција.
„Ја советувам следната германска влада да развие кредибилна и долгорочна политика со Турција, заедно со своите партнери од ЕУ“, истакна Ферхојген.
„ЕУ треба совршено јасно да нагласи дека членството на Турција во ЕУ е стратешки приоритет на Унијата, а не нешто што може да се остави настрана“, додаде тој.
Ферхојген нагласи дека само кредибилната перспектива за членство во ЕУ би можела да помогне во унапредувањето на демократијата и владеењето на правото во Турција.
Односите меѓу Анкара и европските престолнини беа затегнати уште од неуспешниот обид за државен удар во Турција минатата година, кога турските лидери ги критикуваа европските земји поради тоа што не покажаа силна солидарност со турската Влада против неуспешниот обид за пуч.
Турските политичари, исто така, ја критикуваа Германија и неколку други европски земји за затворање очи кога станува збор за забранетите групи и терористичките организации кои се непријателски настроени кон Турција.
Меѓутоа, европските официјални претставници изразија загриженост во врска со владеењето на правото и прашањето за човековите права, во услови на опсежните истраги спроведени од страна на турските власти за терористичката организација ФЕТО, која го организираше неуспешниот обид за државен удар.
ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад долготрајната кампања за преземање контрола над државниот апарат, преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
Преговорите за членство на Турција во ЕУ влегоа во ќор-сокак во 2007 година, поради кипарското прашање и спротивставувањето на неколку влади на ЕУ за полноправното членство на Анкара.
Германската канцеларка и нејзиниот блок на Христијански демократи (ЦДУ/ЦСУ) долго време се спротивставуваше на полноправното членство на Турција во ЕУ, но го поддржа продолжувањето на преговорите за пристап без одредени ограничувања, нешто што ѝ беше ветено на Анкара пред да дојдат демохристијаните на власт во Германија во 2005 година.
И покрај неодамнешниот потег на германската Влада за поостар тон кон Турција, досега само Австрија отворено го поддржа замрзнувањето на преговорите за членство на Турција во ЕУ.
Која било одлука за прекинување на преговорите за членство на Турција ќе бара едногласност меѓу сите земји-членки на ЕУ, нешто што се смета за неверојатно од страна на дипломатите, бидејќи повеќето земји-членки се спротивставија на ваквите повици претходно оваа година и настојуваа да се продолжи дијалогот со Анкара.
ЕУ може привремено да ги прекине преговорите со Турција доколку мнозинството од нејзините земји-членки го поддржат ваквиот предлог, кој може да биде поттикнат од Европската комисија или од една третина од земјите-членки.