Mustafa Deveci
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, ќе оствари „неочекувана“ посета на Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
На неделниот состанок на израелскиот Кабинет, премиерот Бенјамин Натанјаху соопштил дека денеска во официјална посета на Израел доаѓа министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Премиерот Нетанјаху најавил дека ќе одржи средба со рускиот министер и дека главна тема на средбата ќе биде Сирија.
Во изјавата што Нетанјаху ја дал пред членовите на Кабинетот, рекол дека Израел ќе продолжи да се придржува до Договорот потпишан во 1974 година за повлекување на силите од Сирија, и притоа истакнал „Израел ќе ги направи сите потребни чекори против обидите на Иран и неговите ’сателити‘ да формираат воена база во Сирија.“
Се очекува на средбата меѓу Нетанјаху и Лавров да стане збор и за присуството на Иран и Хезболах во Сирија. Се дознава дека министерот Лавров ќе го придружува началникот на рускиот Генералштаб, Валери Герасимов.
Вчера, рускиот министер Лавров имаше телефонски разговор со американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео, со кого е разговарано за настаните на југот од Сирија и борбата против тероризмот.
- Зближување меѓу Израел и Русија -
Премиерот Нетанјаху, последните 6 месеци, трипати се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, а последната средба ја имаа на 11 јули во Москва.
На средбата Нетанјаху истакнал дека е потребно Иран да ја напушти Сирија и дека Израел ќе продолжи да ги заштитува своите граници против секаков вид прекршувања.
По посетата, заминувајќи од Москва, Нетанјаху на новинарите им изјави дека немаат проблеми со лидерот на режимот во Сирија, Башар ал Асад, туку дека Израел се чувствува неудобно од присуството на Иран, Хезболах и ДЕАШ во Сирија.
Путин и Нетанјаху во петокот имаа телефонски разговор, во кој станало збор за последниот развој на настаните на Блискиот Исток и ги разгледале проблемите околу решавањето на кризата во Сирија.