Elena Teslova
17 Јануари 2020•Ажурирај: 18 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ќе учествува на Берлинската конференција за Либија на 19 јануари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето во Москва на годишната прес-конференција, Лавров истакна дека ќе одржи состанок со својот италијански колега, Луиџи ди Мајо, пред главниот настан во Берлин.
Тој нагласи дека очекува оти разговорите ќе бидат многу тешки, а односите меѓу завојуваните страни ги окарактеризираше како „многу напнати“, додавајќи дека се потребни напорите на многу држави за да ги уверат дека треба да започнат политички дијалог.
„Што повеќе земји учествуваат во мировните напори за Либија, тоа подобро. Не е лесно да се наговорат овие луѓе, мораме да ги обединиме нашите сили. Односите се многу напнати, дури и не сакаат да бидат во иста соба, а не пак да разговараат едни со други“, изјави Лавров.
Тој го пофали примирјето што либиските страни го прогласија на 12 јануари како „одреден чекор“, додавајќи дека конечниот документ за состанокот во Берлин е речиси договорен.
Тој се осврна и на сириската криза, напоменувајќи дека е постигнат напредок на „речиси сите полиња“, вклучувајќи го военото, дипломатското, политичкото и хуманитарното поле.
Лавров истакна дека се доцни со економската обнова бидејќи санкциите воведени во земјата го попречуваат целиот процес, нагласувајќи сепак дека главната цел, поразот на тероризмот во Сирија, е постигната.
Најави и посета на специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир Педерсен, во Москва и Дамаск наредната недела, а целта е да се поттикне политичкиот процес.
„Се надевам дека неговите разговори, посетата и контактите со сириското раководство ќе овозможат да го утврдиме распоредот на идната работа на Уставниот одбор“, изјави Лавров.