Barış Seçkin
22 Октомври 2022•Ажурирај: 22 Октомври 2022
РИМ (АА) - Новата десничарска коалициска Влада на Италија синоќа беше формирана од Џорџа Мелони, лидерката на крајната десничарска партија Браќа на Италија (FdI), која победи на изборите одржани на 25 септември, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, ја повика Мелони, чија коалиција има мнозинство во двата дома на Парламентот, во претседателскиот Квириналски дворец.
Матарела и Мелони разговараа подолго, по што Матарела ѝ даде задача на Мелони да формира нова влада.

Прифаќајќи ја задачата, Мелони му ја претстави на претседателот листата со имиња на новите министри, што Матарела ја одобри.
Мелони го именуваше Антонио Тајани, потпретседателот на коалициониот партнер Форца Италија, на позицијата потпретседател на Владата и министер за надворешни работи. Тајани беше претседател на Европскиот парламент во периодот од 2017 до 2019 година.
Матео Салвини, лидер на уште еден коалициски партнер, на партијата Лига, именуван е за заменик-премиер и министер за сообраќај и инфраструктура.
За министер за одбрана е именуван Гвидо Крозето од Браќа на Италија (FdI), додека поранешниот судија и член на оваа партија, Карло Нордио, стана министер за правда. Поранешниот гувернер на Рим, Матео Пјантедоси, е назначен за министер за внатрешни работи.
За министер за економија е именуван Џанкарло Џорџети, кој беше министер за економски развој во Владата на премиерот Марио Драги, а за министер за економски развој е назначен Сдолфо Урсо.
Претседателот Матарела во кратка изјава ѝ се заблагодари на владата во заминување и на премиерот Марио Драги, кој денес функцијата ќе ѝ ја предаде на Мелони.
По денешното свечено полагање заклетва, Џорџа Мелони ќе стане првата жена премиер на Италија.