Ekipa
26 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, го повика Израел да се откаже од политиката која го доведува во опасност можниот мировен договор со Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го повикувам Израел веднаш да се откаже од политиката на загрозување на можниот мировен договор. Би било погрешно Израел да продолжи таква политика“, изјави Макрон во обраќањето на 73. заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Тој предупреди дека не може да се постигне мир со кршење на правата на Палестинците и донесување на, како што рече, еднострани одлуки.
„Не постои одржлива алтернатива на дводржавното решение според која (Палестинците и Израелците) би живееле во мир едни покрај други“, изјави францускиот претседател.
Тој истакна дека Франција и понатаму ќе ги поддржува институциите кои работат во рамките на ОН, додавајќи дека ќе ја зголеми финансиската поддршка на ОН за образование, наука и култура (UNESCO) и за Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA).
Тој се осврна и на кризата во Сирија, напоменувајќи дека е потребно што побрзо да се пронајде политичко решение за таа земја погодена од војна.
„Мораме да постигнеме мир во Сирија и да пронајдеме трајно политичко решение“, изјави Макрон.
Тој предупреди дека на глобално ниво не се постигнати задоволителни решенија на полето на финансиите, економијата, климата и животната средина и нагласи дека и на ОН им се потребни „голем број промени“.
„ОН би можеле да станат симбол на очај. Некои го преферираат законот на моќните, но тоа не го штити ниту еден народ. Ние го преферираме третиот пат, мултилатерализмот“, изјави Макрон.
Тој ги повика сите земји до 2020 година да постинат договор во областа на животната средина, додавајќи дека со државите кои не го потпишале Парискиот договор за климатски промени не треба да се потпишуваат трговски договори.
Темата на овогодишното заседание на Генералното собрание е Да се направат ОН релевантни за сите луѓе: глобално водство и заедничка одговорност за мирно праведно и одржливо општество.