Burak Bir
17 Декември 2025•Ажурирај: 18 Декември 2025
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на построга регулација на дигиталните платформи откако, како што изјави, американската социјална мрежа Фејсбук одбила да отстрани видео генерирано со вештачка интелигенција, во кое лажно се тврди дека во Париз се случил државен удар, јавува Анадолу.
Макрон ја осуди, како што ја нарече, „немоќта“ на властите во справувањето со онлајн дезинформациите, откако видеото, во кое се тврди дека полковник ја презел власта во Франција, имало повеќе од 12 милиони прегледи на Фејсбук.
Говорејќи на средба со читатели на регионалниот дневен весник „Ла Прованс“ во Марсеј вчера, Макрон изјави дека видеото предизвикало загриженост дури и кај странските дипломати.
Тој рече дека добил вознемирувачка порака од африкански колега со прашањето: „Драг претседателе, што се случува во вашата земја? Многу сум загрижен.“
Макрон наведе дека му наложил на својот тим да стапи во контакт со Фејсбук и да побара отстранување на содржината, но компанијата одбила, со образложение дека видеото не ги прекршува условите за користење на платформата.
Овој случај претставува најнов момент на тензии меѓу европските лидери и социјалните мрежи со седиште во САД, по неодамнешните мерки за спроведување на регулативите на ЕУ против големите дигитални платформи.
На 5 декември, Европската комисија ја казни платформата X со 120 милиони евра поради прекршување на обврските за транспарентност според Законот за дигитални услуги (DSA).
Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше со предупредување до Европа „да биде многу внимателна“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, ја критикуваше казната, нарекувајќи ја „напад“ врз американските технолошки компании и американскиот народ, додека сопственикот на X, Илон Маск, ја опиша санкцијата како „лудост“ и „безумна“.