Yusuf Özcan
10 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
ПАРИЗ
Ние, Европејците, треба да бидеме јасни и цврсти не пред турскиот народ, туку пред Владата на Ердоган, изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференцијата пред Самитот на претставниците на земјите на Југоисточна Европа, членки на ЕУ (Med7), кој ќе се одржи на Корзика, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Потребно е да се заземе заеднички став кога станува збор за Турција. Потребна е заедничка политика на Европа кога се во прашање енергетиката и стратешките прашања. Овие прашања не треба да се препуштаат само на НАТО. За овие прашања е потребен цврст став на европските земји. Турција повеќе не е партнер во регионот“, изјави Макрон кој тврди дека Турција покажала неприфатливо однесување кон францускиот брод во водите на Либија.
Тој смета дека Турција ги игнорира правата на Грција и дека се неприфатливи договорите потпишани со либиската Влада.
„Турција ги зголемува провокациите, а тоа не ѝ доликува на оваа голема земја. Турскиот народ е голем народ и заслужува нешто друго. Ние, Европејците, би требало да бидеме јасни и цврсти пред Владата на Ердоган, а не пред турскиот народ. Владата на Ердоган покажува неприфатливо однесување. Наведов само дел. Не ги споменав дури ни провокациите кон Грција и еднострано донесените одлуки. Нашата црвена линија е јасна, да се почитува суверенитетот на секоја членка на ОН, да се почитува меѓународното право и да се осуди секоја еднострано донесена одлука. Не сакаме да дојде до заголемување на тензиите, но тоа не значи дека ќе бидеме пасивни. Потребно е да се објават целите на Турција“, смета Макрон.
Тој рече дека со земјите кои ќе учествуваат на споменатиот Самит е потребно да се разговара што е потребно за повторно со Турција да се воспостави дијалог.
„Треба да ги одредиме работите на кои сме подготвени и она што сакаме да го направиме кога е во прашање Турција. Меѓутоа, ќе имаме предуслови за кои нема да биде можно да се преговара. Европа треба да го изнесе овој јасен став. Европа треба да биде јасна и обединета“, изјави Макрон.
Тој додаде дека ставот на Франција во последните неколку месеци е фиксен и дека тоа не е кон зголемување на тензиите.
Тој наведе и дека одредени страни сакаат да ги доведат Турција и Франција една наспроти друга и дека неговата земја не донела ниту една еднострана одлука кога станува збор за ексклузивната зона на која било земја.
„Кога Турција донесе еднострани одлуки кои содржат провокации, Франција се солидаризираше со земјите членки на ЕУ. Она што сакам е да оформам продуктивен дијалог со Турција, нема други опции. Треба да живееме во мир“, изјави Макрон.
Макрон изјави и дека е потребно да се преземат активности кои се однесуваат на миграциите и дека е потребна солидарност со Грција кога станува збор за тоа.
Тој зборуваше и за епидемиолошката ситуација во Франција предизвикана со појавата на пандемијата на Ковид-19 и наведе дека утре ќе биде одржан состанок на кој ќе бидат донесени нови одлуки.