Zuhal Demirci
10 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
БИСАО / АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со борбата против терористичката организација ФЕТО изјави: „Ѝ се заблагодарувам на Гвинеја-Бисао за нејзиниот придонес во борбата на Турција против ФЕТО. Со задоволство го поздравуваме затворањето на училиштето поврзано со ФЕТО во оваа земја.“
Министерот Чавушоглу кој се наоѓа во официјална посета на Гвинеја-Бисао одржа заедничка прес-конференција по состанокот со неговата колешка Сузи Карла Барбоса.
Чавушоглу, зборувајќи дека за време на неговата посета на Гвинеја-Бисао, го забележал тамошниот моментален потенцијал, додаде: „Ќе продолжиме да ги охрабруваме нашите деловни луѓе да инвестираат тука.“
Во врска со борбата против ФЕТО, Чавушоглу изјави: „Ѝ се заблагодарувам на Гвинеја-Бисао за придонесот што ѝ го дава на Турција во борбата против ФЕТО. Го поздравуваме затворањето на училиштето поврзано со ФЕТО во оваа земја.“
Изразувајќи го своето задоволство поради потпишувањето на договорот меѓу Турската фондација „Маариф“ (ТФМ) и властите на Гвинеја-Бисао, Чавушоглу истакна: „ТФМ во Гвинеја-Бисао ќе отвори нови училишта. Оваа фондација во моментов има 333 училишта во 43 различни земји, од кои 23 се на африканскиот континент.“
- „Потпишаните договори ќе придонесат за развој на нашата соработка“
Министерот Чавушоглу, подвлекувајќи дека Турција ја покажала својата солидарност со Гвинеја-Бисао во борбата против пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), продолжи со зборовите: „И денеска донесовме респиратори и маски Н-95. Бидејќи капацитетот на авионот беше ограничен, донесовме колку што е можно повеќе.“
Зборувајќи дека ќе го поддржат формирањето на академија за дипломати во Гвинеја-Бисао, Чавушоглу истакна дека Академијата за дипломатија при Министерството за надворешни работи на Турција, исто така, ќе понуди програми за обука преку интернет за дипломатите од Гвинеја-Бисао.
Чавушоглу изјави дека покрај потпишувањето на договорот со ТФМ, денеска меѓу Турција и Гвинеја-Бисао се потпишани многу важни договори, и додаде: „Овие договори не само што ќе ги зајакнат правната основа и врските на билатералната соработка, туку исто така ќе ни помогнат и понатаму да ја развиваме нашата билатерална соработка во многу различни области.“
Министерот Чавушоглу на крајот од своето обраќање ѝ се заблагодари на својата колешка Барбоса за топлото гостопримство што му беше укажано нему и на турската делегација.
- Се продлабочува соработката во областа на образованието меѓу Турција и Гвинеја-Бисао
Во рамките на посетата на Чавушоглу на оваа земја, меѓу ТФМ и министерствата за национално образование, високото образование, младината, културата и спортот на Гвинеја-Бисао, потпишан е Договорот за администрација, организација и работење на образовните институции.
Со споменатиот договор се предвидува подготвување на правна основа за активностите на ТФМ во оваа земја, а во исто време се очекува активното училиште поврзано со ФЕТО да биде пренесено под ингиренции на Фондацијата.
Договорот исто така ќе овозможи ТФМ да отвори нови училишта во објектите што ќе ѝ бидат доделени.
На тој начин, не само што ќе бидат прекинати активностите на ФЕТО во образовниот сектор на Гвинеја-Бисао, туку и ќе се продлабочи соработката меѓу двете земји во областа на образованието.