Burak Bir,Şenhan Bolelli
09 Септември 2025•Ажурирај: 10 Септември 2025
МАДРИД (АА) - Илјадници Шпанци денес одржаа протестни демонстрации во 12 града во знак на солидарност со Палестинците, осудувајќи ги континуираните напади на Израел врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Мрежата за солидарност против окупацијата на Палестина (RESCOP) повика на собири во знак на протест поради израелските напади врз Газа.
Во Мадрид, демонстрантите се собраа на Пуерта дел Сол, централниот плоштад во главниот град, за да протестираат поради континуираните израелски напади носејќи палестински знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Стоп на геноцидот“.
Демонстрантите, исто така, извикуваа слогани, како „Слободна Палестина“, а слични собири беа одржани и во Барселона, Валенсија, Севиља и девет други града.
Собирите се одржаа еден ден откако шпанската Влада објави девет мерки против Израел, меѓу кои и трајна забрана за извоз на оружје, за кои премиерот Педро Санчез рече дека имаат цел да го спречат „геноцидот во Газа“.
Израел уби повеќе од 64.500 Палестинци во бруталната офанзива во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочи и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.