Kasım İleri
22 Јануари 2021•Ажурирај: 22 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Новиот претседател на САД, Џо Бајден, се подготвува на Русија да ѝ предложи петгодишно продолжување на новиот договор за стратешко редуцирање на оружјето (New START), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со раскинувањето на претходните договори за ограничување и контрола на нуклеарното оружје во светот, руско-американскиот договор „Нов СТАРТ“ стана најважниот механизам во таа област. Станува збор за договор кој Русија и САД го потпишале во 2010 година во Прага, а рокот на важење му истекува на 5 февруари 2021 година.
Новиот претседател на САД, Бајден, веќе првите денови направи низа пресврти во политиката која ја водеше неговиот претходник Доналд Трамп.
Повикувајќи се на неименуваниот висок официјален претставник на Белата куќа, американските медиуми јавуваат дека советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, веќе требало на рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Анатонов, да му го достави предлогот на Бајден за продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ на додатни пет години.
Таквиот предлог би можел да ги израдува и Русија и НАТО, сметаат голем број американски аналитичари.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во повеќе наврати ги повикуваше челниците на Русија и САД да го продолжат тој договор.
Рускиот претседател Владимир Путин во октомври минатата година им предложи на САД безусловно да го продолжат договорот за една година.
Путин изјави дека договорот „Нов СТАРТ“ непречено функционирал и ја спречувал трката во вооружувањето.