Büşra Nur Bilgiç
05 Март 2019•Ажурирај: 06 Март 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународните експерти за човекови права ги повикаа властите на Саудиска Арабија безусловно да ги ослободат сите активисти за заштита на правата на жените, кои се наоѓаат во притвор во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Потребно е да се спроведе независна истрага за наводите за тортура во Саудиска Арабија“, изјави специјалната известувачка на ОН за човекови права, Финуеле Ни Илан.
Ни Илан зборуваше на панелот „Саудиска Арабија: Време за преземање одговорност“, кој се одржа во Женева во рамките на актуелното 40. заседание на Советот на ОН за човекови права.
И специјалниот известувач на ОН, Мишел Форст, изјави дека работата и активностите на активистите за заштита на човековите права во ниту еден случај не можат да бидат спротивни на националната безбедност на државата.
Зејнеб ал Хаваџа од Заливскиот центар за човекови права ги обвини властите на Саудиска Арабија дека над притворените активистки вршат различни методи на тортура, вклучувајќи електрошокови, гушење и сексуално вознемирување.
„Сите активисти за заштита на правата на жените би требало да бидат итно и безусловно ослободени. Одговорните за тортурата мораат да бидат процесуирани“, изјави Ал Хаваџа.
Ал Хаваџа, исто така изјави дека и лично во повеќе наврати била апсена во Бахреин, но дека секој пат била ослободувана по притисокот од меѓународните кругови.
„Не е цел само борците за човекови права да бидат ослободени од затвор, туку и да им се овозможи да ја работат својата работа“, порача Ал Хаваџа.
На учесниците на панелот им се обрати и саудиската активистка за човекови права која моментално живее во егзил во Лондон, Омаима ал Наџар.
Ал Наџар тврди дека властите на Саудиска Арабија спроведуваат козметички реформи за да го одвлечат вниманието на меѓународната заедница од грубите кршења на човековите права.
„Иако жените во Саудиска Арабија добија право да возат автомобили, активистите кои се бореа за тоа право и понатаму се во саудиските затври“, изјави Ал Наџар.
Паралелно со тоа, активистката Ал Хаваџа за АА истакна дека секој кој се бори за унапредување на правата во Саудиска Арабија, ќе биде прогласен за непријател и предавник.
„Ги фотографираат затвореничките без облека. Тие едноставно знаат што се најголеми навреди за жените во нашата култура. Жените мораат да бидат заштитени“, изјави Ал Хаваџа.
Таа, исто така изјави дека САД пружаат поддршка на Саудиска Араија поради добрите економски односи.