Mustafa Güngör
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
ИЗМИР
- Мустафа ЃУНЃОР
Тројца мигранти ги загубија животите во инцидентот во кој грчките сили на отворено море на подрачјето на турскиот округ Чешме фрлија мигранти. Мигрантите што успеаја да се спасат благодарение на екипите на Турската крајбрежна стража, изјавија дека пред два дена биле фатени на грчкиот остров Хиос, по што биле ставени на гумен чамец, и откако им ги врзале рацете со лисици, грчките сили ги фрлиле во море.
Сомалиските државјани Ахмет Аднан Мухамед (25) и Абдулселам Бах (29), кои беа спасени од екипите на Командата на крајбрежната стража на Турција во близина на островот Богаз, зборуваа со новинарот на Агенција Анадолија (АА) во Државната болница „Урла“, каде што се лекуваат.
Наведувајќи дека инцидентот не се случил за време на патот кон Грција, Мухамед рече дека тие стапнале на островот Хиос пред два дена.
Раскажа дека неговата сопруга и детето преминале во Грција пред три месеци, а тој, со желба да им се приклучи, на 16 март, заедно со уште 28 лица запловил кон Хиос. Откако пристигнале на островот, се криеле во скривница, каде што биле фатени од грчките елементи.
Забележувајќи дека грчки службеници зеле седуммина од нив и прво со минибус, а потоа со брод, пристигнувајќи до еден остров кој се наоѓа во близина на турските територијални води, ги фрлиле на отворено море, Мухамед рече дека пливал околу три часа и по пристигнувањето на копното чекал околу два часа.
„Ни ставија лисици на рацете. Јас сè уште ги имав лисиците кога дојдов во болницата. Ни ставија по две лисици. Едната сам ја отстранив, а другата ми ја отстранија во болницата во која ме префрлија. Оние што ги загубија животите не можеа да пливаат поради лисиците. Ни ги зедоа сите работи што ги имавме и нѐ тепаа. Не ни дадоа ниту храна. Што се случи со преостанатите, не знаеме ниту ние“, изјави Мухамед.
Изразувајќи дека им го должат животот на екипите на Турската крајбрежна стража, Мухамед рече: „Грција се однесуваше кон нас како кон животни. Никогаш повеќе нема да одам таму. Ќе се обидам да ги вратам моето дете и сопругата.“
- „Дојдоа Турците и нè спасија“
Сомалискиот државјанин Абдулселам Бах рече дека додека биле на островот Хиос, двајца грчки службеници ги легнале на земја и им поставувале прашања.
Зборувајќи дека подоцна со минибус биле префрлени во центарот за чамци, Бах со следните зборови го раскажа преживеаното:
„Тие нè одведоа до центарот на чамците и ни ставија лисици на рацете. Прво ни викнаа „Седнете на земја!“, а потоа „Легнете на земја!“ Откако нè качија на чамецот, ме удрија со предмет по главата. Дојдовме во околината на еден остров, не знам точно каде и туркајќи нè, нè фрлија во морето. Алах нè спаси. Не знам да пливам. Само се исправив на грб и му се молев на Алах. Лежејќи така во водата, ја удрив главата од една карпа и потоа излеговме на копно. Брановите ме исфрлија на копно. Дојдоа Турците и нè спасија.“
- Целиот настан
По известувањето во раните утрински часови дека група мигранти се забележани на отворено море кај округот Чешме во турската област Измир, екипите на Командата на крајбрежната стража на Турција се упати на местото на настанот, спасувајќи тројца мигранти. Од морето се извлечени безживотните тела на тројца мигранти, а спасувачките екипи трагаат по еден исчезнат.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, ги сподели видеоснимките од моментите на бегалците кои биле фрлени во морето од страна на единиците на Грчката крајбрежна стража, врзани со пластични лисици, а беа спасени од екипите на Командата на крајбрежната стража на Турција.