Ayhan Şimşek
02 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп Карeнбауер, денес пред состанокот со нејзиниот турски колега, Хулуси Акар, изјави дека Турција е важен сојузник на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Каренбауер го прими Акар во седиштето на германското Министерство за одбрана за да разговараат за различните аспекти на билатералната одбранбена соработка, меѓународните безбедносни прашања и за неодамнешните случувања во Источниот Медитеран.
Германското Министерство за одбрана објави слика од поздравот на Крамп Каренбауер и Акар на влезот од историскиот комплекс на зградата, познат како Бендлерблок.
„Турција е и ќе остане важен партнер на НАТО. Денес на дневен ред ќе бидат сложени прашања“, напиша германската министерка за одбрана на Твитер.
Министрите се очекува да дискутираат за широк опсег на моментални прашања, вклучувајќи ја борбата против тероризмот, мисиите на НАТО во Авганистан и Ирак, случувањата во Црноморскиот Регион и ситуацијата во Источен Медитеран.
Посетата на Акар се случи по продолжувањето на разговорите за истражување меѓу Турција и Грција за да се решат билатералните проблеми и прашања во врска со поморските граници во Егејското Море и Источниот Медитеран.
Германската Влада презеде неколку иницијативи во текот на изминатите месеци за да ги намали тензиите меѓу Анкара и Атина и се обиде да ги олесни директните разговори за дипломатско решение меѓу двете членки на НАТО.