Ömer Tuğrul Çam
02 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) реагираше на одлуката на Косово, кое потпиша договор за започнување дипломатски односи со Израел и се подготвува да отвори амбасада во Ерусалим, јавува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција, портпаролот на Комисијата на ЕУ, Питер Стано, изразувајќи жалење за одлуката на Косово да отвори амбасада во Ерусалим, рече: „Оваа одлука за Ерусалим го носи Косово во друга насока, не кон ЕУ.“
Потсетувајќи дека амбасадите на земјите на ЕУ во Израел се наоѓаат во Тел Авив, Стано рече: „ЕУ долго време тврди дека статусот на Ерусалим треба да се реши преку директни преговори меѓу Израел и Палестина.“
Стано наведе дека ЕУ е за дводржавно решение во однос на прашањето Израел - Палестина и рече дека ја прифаќаат идејата Ерусалим да биде идната престолнина на двете земји со решението што ќе се донесе.
„Затоа жалиме за одлуката на Косово. Стратешкиот приоритет на Косово е интеграција со ЕУ и се очекува да дејствува во согласност со своите заложби“, нагласи Стано.
Лидерите на Србија и Косово, кои се сретнаа во Белата куќа во септември 2020 година, потпишаа договор за нормализација на односите во областа на економијата. Со овој договор беше одлучено Косово да започне дипломатски односи со Израел, а Србија да ја премести во Ерусалим својата амбасада во Израел.
Договорот за официјално започнување дипломатски односи меѓу Косово и Израел беше потпишан на 1 февруари, а Израел го одобри барањето на Косово за отворање амбасада во Ерусалим.
Членките на ЕУ, како што се Грција, Романија, администрацијата на кипарските Грци, Словачка и Шпанија, сè уште не ја признаваат независноста на Косово.