ДУБАИ (АА) – Повеќе од 20 милијарди роботи ќе им служат на луѓето до 2050 година, што ќе доведе до значајни промени во животниот стил, пазарот на труд и општествата, изјави Мохамад Абдула ал Гергави, министер за владини работи на Обединетите Арапски Емирати и претседател на Светскиот самит за влади, јаува Анадолу.
Ал Гергави го даде ова предвидување вчера, за време на неговото воведно обраќање на отворањето на Светскиот самит за влади 2025 во Дубаи, што се одржува под темата „Обликување на идните влади“, објави официјалната новинска агенција „Емирати“ (WAM).
Осврнувајќи се на изминатите 25 години, Ал Гергави ја опиша оваа ера како турбулентна, но истовремено и трансформативна.
„Светската популација порасна на 8,2 милијарди луѓе денес, а глобалната економија се зголеми од 34 билиони долари на 115 билиони долари до 2024 година. Меѓународната трговија се искачи од 7 билиони на 33 билиони долари во истиот период“, рече тој.
Тој ја истакна промената во економската доминација – од традиционалните индустрии како нафтата, тешката индустрија и финансиските услуги кон технолошките компании и дигиталните платформи.
Глобалниот пејзаж исто така претрпе политички и економски промени.
„Кина и Индија се издигнаа, додека некои развиени индустриски економии се намалија. На почетокот на новиот милениум, глобализацијата носеше оптимизам, но подемот на популизмот поттикна протекционизам“, рече Ал Гергави.
Тој го потенцираше брзиот раст на дигиталната поврзаност, истакнувајќи дека интернет користеле помалку од 7 отсто од светската популација во 2000 година, додека денес таа бројка надминува 60 отсто. Истовремено, дигиталните валути, кои не постоеја во 2000 година, сега вредат 3 билиони долари.
„Тогаш воената роботика и технолошкото војување постоеја само во научната фантастика. Денес сведочиме на војни со дронови, конфликти водени од вештачка интелигенција и стравови кои сега ги надминуваат нуклеарните закани – вклучувајќи ги кибер и биолошките војни“, додаде тој.
Ал Гергави издвои четири главни согледувања што произлегуваат од одлуките донесени во последните 25 години:
Конфликти и раселување – повеќе од 2 милиони луѓе загинаа во војни и конфликти, а 120 милиони беа раселени како бегалци. Само 4 отсто од конфликтите завршиле со мировни договори.
„Што ако ја изберевме дипломатијата наместо воените решенија?“, праша тој.
Среќа и благосостојба – економската моќ не гарантира среќа или стабилност.
„И покрај своето богатство, големите економии не се дом на најсреќните луѓе на светот. Околу 280 милиони луѓе страдаат од депресија, а менталното здравје годишно ја чини светската економија 1 билион долари“, посочи тој, прашувајќи дали владите треба да го стават квалитетот на растот пред квантитетот.
Доверба во владите – довербата во владите е во опаѓање од 2000 до 2025 година, што се рефлектира преку зголемени протести и популистички движења низ светот.
Прогрес и сиромаштија – иако светот постигна невидени нивоа на развој во образованието и здравството, 630 милиони луѓе сè уште живеат во екстремна сиромаштија.
„Истражувањата покажуваат дека ни требаат 800 милијарди долари годишно за да го искорениме гладот, да ги едуцираме сите деца и да ги развиеме глобалните здравствени системи“, истакна Ал Гергави.
Гледајќи во иднината, Ал Гергави предвиде дека светската популација ќе достигне 10 милијарди до 2050 година, при што најголемиот раст ќе се случи во Африка и Азија. Над 20 отсто од луѓето ќе бидат постари од 60 години, што ќе бара цврсти здравствени и социјални системи.
„Во 2050 година, повеќе од 20 милијарди роботи ќе им помагаат на луѓето, а економијата во вселената ќе достигне вредност од 4 билиони долари“, рече тој.
Образованието ќе претрпи голема трансформација, а напредокот во човечката надградба ќе ги подобри и физичките и когнитивните способности.
„Луѓето ќе живеат подолго, ќе работат попродуктивно и ќе решаваат проблеми што некогаш се сметаа за невозможни – во медицината, науките за животната средина и истражувањето на вселената“, додаде тој.
Светскиот самит за влади, кој ќе трае до 14 февруари во Дубаи, има рекорден број учесници, меѓу кои над 30 шефови на држави, 140 владини делегации, 400 министри и 6.000 учесници. Самитот вклучува повеќе од 200 панел-дискусии со учество на 80 меѓународни организации.
Меѓу истакнатите говорници на првиот ден се директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, премиерот на Кувајт, шеик Ахмад Абдула ал-Ахмад ал-Сабах, и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Според „Емирати“, закажана е и виртуелна дискусија со извршниот директор на „Спејс икс“, „Тесла“ и „X“, Илон Маск.
news_share_descriptionsubscription_contact
