Yusuf Özcan
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
ПАРИЗ (АА) - На протестите што вчера се одржаа во Франција учествуваа 136.000 лица, соопшти француското Министерство за внатрешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека во нередите до кои дојде во текот на протестите организирани од страна на „Жолтите елеци“, приведени се 1.220 лица.
„Жолтите елеци“, и покрај повиците на властите за откажување на демонстрациите и соопштувањето дека е суспендирана одлуката за зголемување на цените на горивата, продолжуваат со организирање протести низ целата земја, првенствено во Париз, насочени против економските мерки на францускиот претседател Емануел Макрон и неговата администрација.
Демонстрантите и вчера се собраа на париската авенија „Шанзелизе“, барајќи од Макрон да поднесе оставка.
Повремено доаѓаше до судири со полицијата, а во нередите во попладневните часови, демонстрантите фрлаа камења и шишиња врз полицијата. Запалени се и голем број возила, поради што на улиците на Париз излегоа специјалните единици. Демонстрации беа организирани на повеќе места, а голем број продавници беа ограбени и беше предизвикана значителна материјална штета.
Поради протестите во неколку француски градови, дојде до прекин на сообраќајот.
„Жолтите елеци“, незадоволни од планираното зголемување на цените на горивата и влошувањето на економските услови, од 17 ноември организираат протести кои подоцна прераснаа во гнев кон администрацијата на Макрон. Овие протести станаа најнасилните протести кои се имаат случено во последниве неколку години.
Меѓу демонстрантите беа и оние кои поради зголемувањето на цените на станарините мораа да се преселат во руралните подрачја, и од Макрон бараат подобри економски услови.
Претходно беше соопштено дека планираното зголемување на цените на горивата, што беше повод за организирање на протестите, е пролонгирано за 2019 година, но демонстрантите сметаат дека тоа не е доволно и најавија нови протести.