Mustafa Deveci
13 Декември 2018•Ажурирај: 16 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Холивудската актерка со израелско потекло, Натали Портман, го нарече расистички Законот кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација, а која израелскиот Парламент го усвои кон средината на јули оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портман даде интервју за весникот „Ал Кудс Ал Арабија“ (Al-Kuds Al-Arabia), со седиште во Лондон, во кое го критикуваше Израел поради спорниот закон усвоен во јули оваа година.
„Тоа (Законот кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација) беше грешка, и јас со тоа не се согласувам. Верувам дека можеме да ги сакаме нашите соседи и дека можеме да работиме заедно со нив“, истакна актерката која е добитничка на Оскар.
Популарната актерка во јуни оваа година беше прогласена и за добитничка на престижната награда „Џенезис“ во Израел, а станува збор за своевидна еврејска Нобелова награда. Фондацијата која стои зад наградата објави дека Портман одбила да дојде на свечената церемонија на доделување во јуни во Израел. Портман со тоа го одби и наградниот фонд во вредност од два милиона долари.
Актерката тогаш информираше дека „не е пријатно да учествува во какви било настани во Израел“, по што свечената церемонија на доделување на оваа награда беше откажана.
Израелскиот Парламент на 19 јули го усвои Нацрт-законот кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација, и тоа со 62 гласа „за“ и 55 „против“, со што предизвика големи полемики и критики во регионот.
Израелските власти претходно предводеа дискриминаторна политика кон арапското население, а со новиот закон тоа е легализирано. Арапскиот јазик изгуби статус на службен јазик, а тој статус ќе го има исклучиво еврејскиот јазик.
Освен тоа, еврејските празници се прогласени за државни, а Ерусалим за главен град на Израел. Поголемиот дел од одбредбите на Законот се во спротивност со постоечката законска одредба во Израел сите граѓани да имаат еднакви права и можности.
Прогласувањето на Израел за татковина на сите Евреи, исто така ги занемарува правата на Палестинците на нивната окупирана земја. Исто така, се поттикнуваат Евреите од другите земји на доселување во Израел, а се блокира враќањето на прогонетите Палестинци.