Mohammad Sıo
07 Октомври 2024•Ажурирај: 07 Октомври 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку четворица Палестинци се убиени денес во најновите израелски воздушни напади врз Појасот Газа на првата годишнина од бруталната војна во енклавата, јавува Анадолу.
Три лица ги загубија животите, а повеќемина се повредени кога борбените авиони погодија неколку куќи во бегалскиот камп Бурејџ во централна Газа, изјавија за Анадолу медицински извори.
Уште седум жители на Газа се ранети во израелските воздушни напади и артилериското гранатирање во бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа, изјавија изворите.
Израелските воени авиони бомбардираа и шаторски камп за раселените луѓе во близина на болницата „Ал Акса“ во градот Деир ал-Балах, при што повредени се четири лица, изјавија медицински извори.
Во друг воздушен напад погоден е дом во квартот Ал-Туфа во градот Газа, при што загина едно лице, а повредени се неколку лица, меѓу кои и деца, изјавија изворите.
Неколкумина се повредени во воздушен напад во северниот дел на градот Газа, изјавија очевидци.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива на Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот, по нападот на палестинската група Хамас минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 42.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 97.100 се повредени.
Израелската офанзива го расели речиси целото население на територијата, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите акции во Газа.