Michael Gabriel Hernandez
07 Јануари 2021•Ажурирај: 07 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Најмалку четири лица го загубија животот во нередите во Вашингтон во текот на синоќешниот упад на приврзаниците на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, во Капитол, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на полицијата во Вашингтон, Роберт Конте, рече дека првата жртва во нередите во Вашингтон била жена која починала во болница. Во неа било пукано во текот на интервенцијата на полицијата во Капитол.
„Ова е трагичен инцидент и упатувам пораки на сочувство на семејствата и пријателите на настраданите“, рече Конте.
Тој рече дека во текот на синоќешните нереди животот го загубиле уште три лица, и тоа една жена и двајца мажи, но не откри повеќе детали за тие инциденти.
Нередите во Вашингтон избија синоќа кога приврзаниците на Трамп влегоа во зградата на Конгресот за да спречат одржување на седница на која се очекува потврда на резултатите од ноемвриските претседателски избори на кои Трамп загуби од демократскиот ривал Џо Бајден.
Трамп на почетокот на протестот се обрати до приврзаниците и порача дека нема да дозволи изборна кражба и дека нема да го признае поразот, а недолго потоа демонстрантите влегоа во Капитол.
Во текот на синоќешните нереди во Вашингтон ранети се најмалку 14 полицајци, а уапсени се 52 демонстранти.
Демонстрантите со интервенција на полицијата се оддалечени од Капитол и седницата на Конгресот продолжи.
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден на 20 јануари би требало да го замени Трамп во Белата куќа. Неколку истакнати членови на администрацијата на Трамп поднесоа оставки и го обвинуваат за предизвикување на нередите.
На продолжената седница на Конгресот се обрати американскиот потпретседател Мајк Пенс кој ги осуди синоќешните нереди.
„Насилството никогаш не победува. Слободата победи. Ова и понатаму е дом на народот“, порача Пенс во Конгресот.
Неколку пратеници на Конгресот побараа од Пенс да посегне по 25. Амандман од американскиот Устав и да го смени Трамп од функцијата.