Selman Aksünger
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
АМСТЕРДАМ
И покрај тоа што организаторите претходно соопштија дека во Амстердам е откажан најавениот протест против епидемиолошките мерки за борба против пандемијата на Ковид-19, на плоштадот „Дам“ се собраа поголема група луѓе, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организаторите соопштија дека во Амстердам е откажан најавениот протест против епидемиолошките мерки за борба против пандемијата на Ковид-19, а дека одлуката е донесена по нередот што се случи во текот на сличните протести во Ротердам.
Сепак, група од околу илјада луѓе се собраа на плоштадот „Дам“ и организираа прошетка.
Демонстрантите ги извикуваа слоганите „Не за фашизмот“, „Не за QR-диктатура“ и носеа транспаренти на кои пишуваше „Мој живот - моја одлука“, „Ние не сме експерименти“, „Децата се нашата иднина, а не глувци“.
На протестите не беа забележани инциденти.
Холандската полиција соопшти дека на протестите во Ротердам биле користени пиротехнички средства, а предизвикан е и пожар.
Запалено е најмалку едно возило, а во текот на нередите повредени се најмалку две лица. Од слобода се лишени 51 лице.
Половина од лишените од слобода се помлади од 18 години.
Во Холандија од октомври се случува пораст на бројот на заразени, а во последните четири дена бројот е поголем од 20.000.
Во последните 24 часа потврдени се 21.873 случаи на коронавирусот.
Привремената влада на 2 ноември соопшти дека поради влошената епидемиолошка ситуација повторно се воведени мерки за носење маски и почитување социјална дистанца, а на 12 ноември воведен е и делумен карантин.