Adam Abu-bashal
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
АБУЈА (АА) - Со почетокот на новата школска година во Нигерија, најмалку 1 милион деца нема да можат да одат на училиште поради зголемените масовни киднапирања во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Училиштата во северниот дел на земјата станаа цел на масовни киднапирања за откуп од страна на вооружени групи, соопшти Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Во соопштението се наведува дека најмалку 1 милион деца во Нигерија нема да можат да одат на училиште поради зголемените масовни киднапирања во овој период.
Се истакнува дека од јануари досега биле изведени напади врз 20 училишта, во кои се киднапирани повеќе од 1.400 деца. Притоа, во нападите животот го загубиле 16 лица, а повеќе од 200 деца сѐ уште се водат за исчезнати.
Питер Хокинс, претставник на УНИЦЕФ во Нигерија, изјави: „Поради престрелките во училиштата и киднапирањето ученици во Нигерија, семејствата и заедниците и понатаму се плашат да ги праќаат децата во училиште, при што на учениците им се ускратува образованието.“
Во нигериските државите Бенуе, Кадуна, Плато, Кацина и Замфара, во последните месеци беа киднапирани учениците од неколку училишта.
Голем број училишта беа принудени да ја прекинат наставата поради нападите.