Ekip
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Бројот на лица внатрешно раселени поради конфликти или природни катастрофи низ светот достигна рекордни 59,1 милион на крајот на 2021 година, соопшти денеска Центарот за мониторинг на внатрешно раселување, известува Агенција Анадолија (АА).
„Ситуацијата денес е полоша дури и од што го покажуваат нашите рекордна податоци. Тука не се вклучени речиси осумте милиони луѓе кои беа принудени да избегаат поради војната во Украина“, рече Јан Егеланд, генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци.
Егеланд на конференција за новинари во Женева организирана од страна на Здружението на новинари на ОН, го претстави годишниот извештај на Центарот за мониторинг на внатрешно раселување, според кој најновата бројка на внатрешно раселени е резултат на новите бранови на насилство и долготрајните конфликти во земјите, од Етиопија и Авганистан, до Сирија и Демократска Република Конго.
Егеланд рече дека бројките на Центарот за мониторинг ги користат Агенцијата за бегалци на ОН и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кога го информираат светот за меѓународните односи, управувањето со конфликтите и спречувањето катастрофи.
„Тоа е рендген на нашата глобална совест на многу начини, бидејќи тоа е знак за тоа како успеваме или не успеваме да ги заштитиме луѓето во нивните домови за да не мора да бегаат, често за своите животи поради конфликти или катастрофи“, рече Егеланд.
Конфликтите и насилството предизвикаа 14,4 милиони луѓе на внатрешни преселби, што е зголемување од речиси 50 отсто во споредба со претходната година.
Супсахарска Африка беше најпогодениот регион, со повеќе од 5 милиони раселувања само во Етиопија, што е највисока бројка досега за една земја.
Демократска Република Конго, Авганистан и Мјанмар, исто така, регистрираа невиден број во 2021 година.
„Блискиот Исток и Северна Африка го забележаа најниското ниво во последните 10 години, бидејќи конфликтите во Сирија, Либија и Ирак деескалираа, но вкупниот број на внатрешно раселени лица во регионот остана загрижувачки висок до крајот на годината“, се вели од Центарот.
„Трендот кон долгорочно раселување никогаш нема да се смени, освен ако не се воспостават безбедни и одржливи услови за внатрешно раселените лица да се вратат дома, да се интегрираат локално или да се преселат на друго место“, рече Александра Билак, директорка на Центарот за следење на внатрешното раселување.
„Потребни се иницијативи за градење мир и развој за да се решат основните предизвици што ги држат животите на раселените луѓе во неизвесност.“
- Катастрофите предизвикуваат големи раселувања
Катастрофите продолжија да предизвикуваат најголем број внатрешни раселувања на глобално ниво, со 23,7 милиони регистрирани во 2021 година.
Опасностите поврзани со временските услови сочинуваа 94 отсто од вкупниот број, од кои многу беа превентивни евакуации поради циклоните и поплавите што ги погодија густо населените области на Азија и регионот на Пацификот.
Конфликтите и насилството се совпаднаа со катастрофите во многу земји, принудувајќи ги луѓето да бегаат неколкупати.
„Без разлика дали се работи за Мозамбик, Мјанмар, Сомалија или Јужен Судан, ваквите кризи имаа сериозни последици врз безбедноста на храната и ја зголемија ранливоста на милиони луѓе.“
„Ковид-19, исто така, ги влоши нееднаквостите и ги направи животите на внатрешно раселените лица уште понесигурни“, се вели во извештајот.
Околу 25,2 милиони од внатрешно раселените во светот се на возраст под 18 години.
Егеланд рече дека мониторинг-центарот се фокусира на внатрешно раселените луѓе, наместо на бегалците, бидејќи „бегалците се полесно видени и забележани затоа што ја преминале границата“.
Извештајот на Центарот ги разгледува оние раселени кои остануваат во својата земја.
„Тие се повеќе од оние што стануваат бегалци. Луѓето се заробени во сопствената земја и не се видени“, рече Егеланд.