Zehra Nur Düz
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го повикаа Емил Паулсен, вршител на должноста шеф на мисијата во Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во ОАЕ, поради неодамнешните изјави на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, известува Агенција Анадолија (АА).
„Од Канцеларијата на високиот претставник е побарано писмено објаснување за навредливите и дискриминаторски коментари на високиот претставник“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на ОАЕ.
ОАЕ ја отфрлија „расистичката“ изјава на Борел на инаугурацијата на новата Европска дипломатска академија одржана на 14 октомври во Бриж, Белгија, соопшти Министерството.
Опишувајќи ги коментарите на Борел како „несоодветни и дискриминаторски“, Министерството на ОАЕ истакна дека таквите изјави придонесуваат за влошување на климата на нетолеранција и дискриминација ширум светот.
„Забелешките на Борел се разочарувачки развој што доаѓа во време кога сите страни се свесни за важноста на почитувањето на другите религии, култури и етнички групи, како и за вредностите како што се плурализмот, соживотот и толеранцијата“, се додава во соопштението на министерството.
Борел се најде на мета на критики бидејќи го опиша светот надвор од Европа како потенцијално насилна „џунгла“.
„Европа е градина“, рече тој во својот говор во Белгија, додавајќи дека „голем дел од остатокот од светот е џунгла, а џунглата може да ја нападне градината“.