Burç Eruygur
18 Октомври 2022•Ажурирај: 19 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Украина Владимир Зеленски денес изјави дека неговата земја е нападната од руските сили додека нападите со беспилотни летала и ракетни напади врз главниот град на земјата Киев и други градови влегуваат во втората недела, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Украина е на удар на окупаторите. Тие продолжуваат да го прават она што го прават најдобро - тероризираат и убиваат цивили“, рече Зеленски на својот профил на Телеграм.
Зеленски, исто така, потврди дека руските напади уништиле станбена зграда во градот Миколаев.
„Имаше напад и врз цветниот пазар и Паркот на костените. Се прашувам против што се бореле руските терористи во овие апсолутно мирни објекти“, истакна Зеленски.
Нападите само ја повторуваат руската „деструктивна и убиствена суштина, за која таа сигурно ќе одговара“, посочи претседателот на Украина. Шефот на канцеларијата на украинскиот претседател Андриј Јермак изјави дека нападите нема да ја скршат волјата на нацијата.
„Терористите од Руската Федерација продолжуваат со наивните обиди да не скршат и да не заплашат. Тие мислат дека ќе ја постигнат целта да ги замрзнат Украинците, да не остават без светлина и топлина. Наивно, затоа што губитниците и кукавиците не можат да скршат нација на силни луѓе“, рече тој.
Локалните власти продолжија да известуваат дека утринава се изведени воздушни напади врз главниот град на Украина Киев и други региони во земјата.
Покрај Киев, ракетни напади и напади со беспилотни летала беа пријавени и во украинските региони Запорожје, Дњепропетровск, Харков, Миколаев, Житомир и Суми.