24 Јануари 2022•Ажурирај: 25 Јануари 2022
АБУ ДАБИ (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес соопштија дека пресретнале две балистички ракети истрелани од бунтовничкото движење на Хусите кон нивна територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за одбрана на ОАЕ се вели дека воздушната одбрана на земјата успеала да пресретне и уништи двете балистички ракети.
Министерството ја потврди својата подготвеност да се справи со какви било идни напади од милициите поддржани од Иран.
Ваквиот напад беше втор на тлото на ОАЕ по минатонеделниот напад во кој беше погодено складиште за гориво во главниот град Абу Даби, при што загинаа три лица и предизвикан беше пожар во близина на меѓународниот аеродром.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија синоќа соопшти дека двајца странци се повредени откако балистичка ракета истрелана од бунтовниците Хуси паднала на југот на Саудиска Арабија.
Јемен е средиште на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење на Хусите ја презеде контролата врз голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија со цел да ја врати јеменската Влада ја влоши ситуацијата.
Во Јемен сега владее една од најтешките хуманитарни кризи во светот предизвикани од човекот, при што на речиси 80 отсто од Јеменците, или на околу 30 милиони луѓе, им е потребна хуманитарна помош и заштита. Над 13 милиони се во опасност од глад, според проценките на ОН.