Nicky Aulia Widadio
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
ЏAKАРТА (АА) - Најмалку 647 здравствени работници починаа од коронавирусот во Индонезија од почетокот на пандемијата во март 2020 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адиб Хумаиди од Индонезиската медицинска асоцијација, соопшти дека од 647-те здравствени работници, 289 се лекари, 221 се медицински сестри, 84 акушерки, 27 стоматолози, 15 медицински лабораториски персонал и 11 фармацевти.
Хумаиди истакна дека стапката на смртност во Индонезија кај медицинскиот персонал е највисока во Азија и е меѓу првите три во светот врз основа на споредба на статистичките податоци.
„Од декември 2020 година до јануари 2021 година регистриравме 53 смртни случаи“, рече тој, припишувајќи го големиот број починати на зголемената активност и мобилноста на луѓето во последниот период.
Официјалниот претставник рече дека моменталната состојба со коронавирусот во земјата е надвор од контрола, и дека допрва ќе го достигне врвот, повикувајќи ги властите да го зајакнат капацитетот за тестирање и следењето контакти за брзо дијагностицирање на позитивните случаи во заедниците и да го прекинат ланецот на пренесување.
Индонезија досега има пријавено над еден милион случаи на Ковид-19 и 28.855 смртни случаи, што е највисок број во Југоисточна Азија.
„Земјата која брои 270 милиони жители има за цел да започне масовна вакцинација против Ковид-19 за граѓаните до средината на февруари“, истакна претседателот Јоко Видодо. Вакцинацијата на здравствените работници започна на 13 јануари.
Досега во земјата е одобрена само вакцината „коронаВак“ на кинеската компанија „Синовак“ за итна употреба.
Договорите за набавка на вакцините од „Оксфорд“/„АстраЗенека“ и „Новавакс“ се финализирани, додека Владата работи и на договор за вакцини на „Фајзер“/„БајоНТех“.