ЛОНДОН
Додека во Европа започнува „војна“ меѓу Велика Британија и Европската Унија (ЕУ) околу вакцините за новиот тип коронавирус (Ковид-19), се стравува дека ваквата ситуација би можела да влијае на заедничката борба против епидемијата, известува Агенција Анадолија (АА).
Во средина во која развиените земји веќе ги резервираа сите вакцини што ќе се произведат, ставајќи ги во втор план неразвиените земји, во Европа постои „тензија за вакцините“.
Проблемот настана кога британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, која ја разви вакцината со Универзитетот „Оксфорд“, објави дека на ЕУ ќе ѝ даде помалку од претходно утврдените дози.
Оваа компанија, на Брисел, кој очекува да добие 100 милиони дози вакцина, му понуди само приближно една четвртина од наведената сума, при што, како причина го наведе проблемот во своите производствени капацитети во Белгија.
Сепак, европските официјални лица посочија дека компанијата „АстраЗенека“, со седиште во Англија, вакцините резервирани за земјите од ЕУ ѝ ги дава на Велика Британија.
- ЕУ запрепастена
ЕУ е многу изненадена од ваквата изјава, бидејќи многу се надеваше на вакцината на „АстраЗенека“ поради нејзината пониска цена и полесните предуслови за складирање во споредба со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“.
Комисијата на ЕУ минатата недела си постави цел да вакцинира 70 проценти од возрасната популација во земјите членки до 1 јуни. Сепак, голема е веројатноста оваа цел да не биде постигната како резултат на одложувањата во испораките на вакцините.
- „Не ветивме“
Паскал Сориот, извршниот директор на „АстраЗенека“, за италијанскиот весник „Ла Република“ изјави дека неговата компанија не дала ветување дека вакцината во ЕУ ќе ја достави толку брзо како што тоа го сторила во Велика Британија.
„Европа сака да се снабди истовремено со Велика Британија, иако договорот го потпиша три месеци подоцна [од Велика Британија]“, изјави Сориот.
Изјавувајќи дека ќе дадат сѐ од себе, Сориот сепак истакна дека не можат да се обврзат.
Ваквиот развој и изјавата уште повеќе ја налутија ЕУ. ЕУ сакаше да одржи состанок со претставници на „АстраЗенека“, но од „АстраЗенека“ не присуствуваше никој на состанокот на 27 јануари.
Официјален претставник на ЕУ објави дека наместо да присуствува на состанокот, компанијата решила да ја извести Комисијата на ЕУ во писмена форма.
- ЕУ би можела да го забрани извозот на вакцини на „Фајзер“ во Велика Британија
Меѓу сите овие случувања, европските медиуми тврдат дека Унијата се заканила и со блокирање на испраќањето на вакцините на „БајоНТех“ и „Фајзер“ во Велика Британија.
Иако немаше официјално соопштение дека ќе биде донесена таква одлука, оваа ситуација ги налути членовите на британската Конзервативна партија.
По ваквиот развој на настаните што доаѓа веднаш по Брегзит, противниците на ЕУ во Британија почнаа да истакнуваат дека биле во право што ја напуштиле Унијата.
Дејвид Џонс од Конзервативната партија во изјавата за британскиот печат, за заканата од можна забрана за извоз рече дека е многу слична на уцена и покажува зошто биле во право што ја напуштиле ЕУ.
- „Тие имаат морална одговорност“
Од ЕУ изјавуваат дека не постои таква одлука со која се забранува извозот.
Стела Киријакидес, членка на Комисијата за здравство на ЕУ, на прес-конференцијата одржана на 27 јануари, ја обвини „АстраЗенека“, изјавувајќи: „Фармацевтските компании и развивачите на вакцини имаат морална, социјална и договорна одговорност која треба да ја почитуваат.“
Посочувајќи на еден член од договорот, според кој „компанијата ќе вложи најголеми напори за испораки“, Киријакидес истакна дека „АстраЗенека“, според договорот е обврзана „да вложи најголеми напори“, потенцирајќи дека не можат да прифатат неисполнување на нејзините обврски за снабдување.
Киријакидес посочи дека според договорот, имаат право на пристап до вакцините произведени во четири фабрики, од кои две во земјите на ЕУ и две во Британија.
- „Проблемот е меѓу нашите пријатели во ЕУ и „АстраЗенека““
За настанатиот проблем беше запрашан и британскиот премиер Борис Џонсон. Сепак, Џонсон не сакаше да зборува во однос на ова прашање, и покрај инсистирањето на новинарите.
Одбивајќи да одговори на прашањата дали ЕУ ќе разгледа можна забрана за извоз, британскиот премиер едноставно изјави: „Очигледно е дека вакцината на „Оксфорд“/„АстраЗенека“ е многу важна и за нашата земја и за светот, а проблемот е меѓу нашите пријатели во ЕУ и „АстраЗенека““.