Fatih Hafız Mehmet
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
АНКАРА (АА) - На иницијатива на Република Турција, Организацијата за исламска соработка (ОИС) утре ќе одржи вонредно заседание на кое ќе се дискутира за минатонеделниот терористички напад на Нов Зеланд и за сѐ поинтензивната појава на насилство предизвикано од исламофобијата во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во својство на претседател на ОИС, Турција свика вонредна седница на шефовите на дипломатиите на членките на таа организација за да дискутираат за растечкото насилство кое произлегува од исламофобијата, расизмот и ксенофобијата, каков што беше случајот и со нападот на двете џамии во Нов Зеланд“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Заседанието ќе биде одржано во Истанбул, а со собирот ќе претседава шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
На состанокот се повикани и делегации на голем број меѓународни организации, вклучувајќи ги ОН, Европската Унија и Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ).
Најмалку 50 лица се убиени во терористичкиот напад кој се случи во петокот за време на петочната молитва (џума-намаз) во две џамии во новозеландскиот град Крајстчрч.
Новозеландската полиција го уапси 28-годишниот терорист Брентон Харисон Тарант од Австралија.