Ömer Faruk Yıldız
19 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
ЖЕНЕВА
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) истакна дека бројот на убиени или осакатени деца во Јемен надминал 10.000 од 2015 година, кога започна Граѓанската војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џејмс Елдер, портпаролот на УНИЦЕФ, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева ја оцени најновата состојба со хуманитарната криза во Јемен.
Истакнувајќи дека бил сведок дека многу деца се во тешка ситуација во северните и јужните региони на Јемен, Елдер рече: „Се сретнав со доктори, наставници и медицински сестри во регионите кои ги посетив. Тоа што ми го пренесоа покажува дека земјата е на работ на колапс.“
Елдер нагласи дека „тешките конфликти“, „економскиот колапс“, „уништувањето на системите како што се здравје, исхрана, вода, санитарни услови, безбедност и образование“ и „недоволната помош од ОН“ се факторите што предизвикуваат хуманитарна криза во Јемен.
- Четири од 5 деца имаат потреба од хуманитарна помош
Осврнувајќи се на статистиката за најновата состојба во Јемен, Елдер рече: „Четири од секои 5 деца имаат потреба од хуманитарна помош, што одговара на повеќе од 11 милиони деца. 400.000 деца се многу ненахранети. Повеќе од 2 милиони деца не можат да добијат образование, а постои ризик 4 милиони деца да го напуштат училиштето. Две третини од наставниците, 170.000 луѓе, не примале редовни плати во последните 4 години. 1,7 милиони деца се раселени поради конфликтот. 15 милиони цивили, вклучувајќи 8,5 милиони деца, немаат пристап до вода за пиење, санитарни услови и хигиена.“
Елдер, посочувајќи дека помошта на УНИЦЕФ ја ублажила хуманитарната криза во Јемен до одреден степен, рече: „Ако не се обезбеди поголема меѓународна помош, ќе умрат повеќе деца кои го носат товарот на оваа хуманитарна криза.“
Нагласувајќи дека Јемен со бројот на убиени и повредени деца досега влезе во „срамна пресвртница“, Елдер рече: „Бројот на убиени или осакатени деца од март 2015 година, кога започна Граѓанската војна, надмина 10.000. Тоа одговара на 4 деца дневно.“
Елдер подвлече дека децата во Јемен гладуваат не поради недостаток на храна, туку поради тековниот конфликт.
Нагласувајќи дека Јемен е најтешката земја во светот за да се биде дете, Елдер рече дека ситуација сè повеќе се влошува.
- Граѓанската војна во Јемен
Во Јемен подолго време владеат судири и политичка нестабилност помеѓу владините сили и Хусите, кои се поддржани од Иран.
Хусите од септември 2014 година под своја контрола имаат повеќе подрачја во земјата, меѓу кои јеменскиот главен град Сана, додека коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на јеменската Влада против Хусите.
Според ОН, 80 проценти од населението во Јемен, каде што се доживува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, имаат потреба од хуманитарна помош и заштита.