Meryem Göktaş
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека доделуваат 15 милиони долари за помош на погоденото население во земјотресот и цунамито што се случија во Индонезија и предизвикаа голема штета на островот Сулавеси, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Агенцијата за справување со катастрофи (BNPB) соопштија дека бројот на загинати лица во земјотресот со магнитуда од 7,4 степени и во цунамито во Индонезија се зголемил на 1.407 лица.
Според соопштението на ОН, биле уништени околу 66.000 домови и виталната инфраструктура, вклучувајќи патишта и мостови.
Исто така, ОН ќе доделат 15 милиони долари од својот Централен фонд за одговор при катастрофи (CERF) за поддршка на населението погодено од оваа катастрофа.
„Илјадници лица не се во можност да се вратат во нивните оштетени или уништени домови, а последователните потреси продолжуваат. Иако Владата и екипите на брза помош работеа неуморно за да им пружат помош, потребите се сè уште огромни“, се додава во соопштението.
Населението има потешкотии со снабдување храна и вода за пиење.
Во тек се напорите за потрага и спасување под урнатините на објектите низ регионот.
Во регионите Палу и Донгала, последователните потреси предизвикуваат страв од нов земјотрес, при што некои луѓе чии домови не се оштетени се плашат да ја поминат ноќта во нив.
Катастрофата во Сулавеси може да биде втора најголема трагедија по цунамито Ачех во 2004 година во кое загинаа над 170.000 лица.