Fatih Hafız Mehmet
01 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
АНКАРА (АА) - Официјалните претставници на ОН го повикуваат Израел да запре со напорите за депортирање на фоторепортерот на Anadolu Agency, се вели во соопштението на Канцеларијата на високиот комесар за човекови права, пренесува Anadolu Agency (АА).
Во синоќешното соопштение пишува дека во ноќта на 21 кон 22 јули, израелските власти се обиделе да го депортираат фоторепортерот Мустафа Харуф во Јордан, земја во која тој нема право на престој. Обидот за депортирање беше одбиен од Јордан.
„Напорот од страна на израелските власти да го депортираат г. Ал Харуф во Јордан, каде што тој никогаш не живеел и нема никакви легитимни права за престој, предизвикува сериозни грижи и според меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права“, изјави во соопштението Мајкл Линк, специјален известувач за состојбата со човековите права во Палестина.
Во соопштението се вели дека Харуф претходно бил испрашуван за природата на неговата работа како фоторепортер.
Дејвид Кеј, специјален известувач за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, во соопштението додава: „Приведувањето и депортацијата на г. Ал Харуф директно се меша во легитимното остварување на правата на слобода на мислење на Ал Харуф и изразување како фоторепортер.“
Во соопштението се вели дека двајцата известувачи го повикале Израел произволно да не го лишува Харуф од неговата слобода, туку наместо тоа да се осигури дека се заштитени неговите права на слобода на мислење и изразување.
Харуф (32) во јануари беше притворен од страна на израелската полиција во Источен Ерусалим (Кудс) и беше задржан во затвор пред неговата планирана депортација.
Израелските власти велат дека Харуф, кој живеел во Ерусалим со неговото семејство од времето кога имал 12 години, бил роден во Алжир.
Во текот на изминатите 20 години, израелските власти постојано одбиваа да му дадат на Харуф дозвола за долгорочен престој, принудувајќи го да добива нови туристички визи секоја година.
Иако Харуф има јордански пасош, кој му овозможува да патува во соседните арапски држави, тоа не му дава државјанство или право на престој во Јордан.
Харуф работи како фоторепортер на АА од август минатата година.
Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупираше Источен Ерусалим, во кој се наоѓа комплексот на џамијата „Ал Акса“.
Во потег кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница, Израел го анектираше целиот град во 1980 година, нарекувајќи го „вечен и неделив“ главен град на самопрогласената еврејска држава.