Abdullah Aşıran
01 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
ХАГ (АА) - Во Холандија стапи на сила законот со кој се забранува носење бурка, откако Парламентот на таа земја во јуни минатата година изгласа делумна забрана за носење во јавните установи, како што се училиштата, владините канцеларии и болниците. Законот се однесува на сите елементи кои го прикриваат лицето, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи на Холандија е наведено дека од денеска, во јавните установи - училишта, државни и здравствени установи, јавниот превоз, забрането е носење на сите елементи кои можат да го прикријат лицето, вклучувајќи платно, како и маски и кациги.
Наведено е исто така дека на споменатите места за кои важи овој закон, службените лица ќе можат да бараат од жените кои носат бурка да ја тргнат при влез или да ја напуштат зградата. Во случај на непочитување на овие одредби, постои можност да интервенира и полицијата и парично да го казни лицето.
Со овој закон не се опфатени лицата кои поради работата мораат да го прекријат лицето, пациенти кои подолго време престојуваат во болница, како и нивни посетители, и лица кои користат маски за време на забави и други активности.
Иако во законот се наведуваат „елементи кои го прикриваат лицето“, муслиманите овој закон го гледаат првенствено како забрана за носење бурка. Се претпоставува дека во Холандија живеат најмалку 150 жени кои носат бурка.
Според наводите на холандските медиуми, жените кои нема да се придржуваат на правилата околу забраната на носење бурка во наведените установи, ќе бидат соочени со парична казна од 150 евра.
Од партијата Нида, која ја основаа муслиманите во Холандија, пред две недели соопштија дека тие ќе ги платат сите казни кои ќе бидат изречени за носење бурка.
Холандскиот весник „Algemeen Dogblad“ вчера објави текст кој го тематизира токму носењето бурка, а се наведува дека граѓаните и јавноста имаат право на вербална и физичка интервенција, доколку ги вознемири жена со бурка.
Авторот на текстот се повикува на член 53 од холандскиот Казнен закон, во кој стои дека граѓанинот, во случај да сведочи дека едно лице го крши законот, има право физички да интервенира. Во текстот се наведува дека носењето бурка може да се третира во рамките на тој закон.
Многу граѓани на Холандија, особено муслиманите, на социјалните мрежи изразија незадоволство поради споменатиот закон, наведувајќи како ги етикетира муслиманите и ја загрозува нивната безбедност.
Кацеларијата на „Амнести интернешенл“ (Amnesty International) во Холандија оваа недела соопшти дека жените имаат право на слобода на избор на облека, и дека се противат на споменатиот закон.
Иако Советодавниот совет на Холандија не го препорача овој закон поради кршење на верските слободи, Претставничкиот дом со мнозинство го усвои законот од 2016 година.
Градоначалниците на Амстердам, Ротердам и Утрехт, минатата година изјавија дека немаат намера да го спроведат овој закон.