Bayram Altuğ
05 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -
Џенифер Фентон, портпаролката на специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир О. Педерсен, истакна дека тековните состаноци на сирискиот Уставен комитет во Женева, Швајцарија, напредуваат позитивно.
Првиот круг од состаноците на сирискиот Уставен комитет, што започнаа минатата среда со учество на 150 членови, завршија во петокот. Вчера започна вториот круг од разговорите.
Фентон соопшти дека специјалниот пратеник Педерсен е задоволен од напредокот на состаноците.
- „Постигнат договор за многу прашања“ -
Портпаролката Фентон во изјавата за Аnadolu Аgency (AA) рече дека за помалку од една недела страните се согласиле за „правилата на однесување и протоколот“ што Педерсен ги поставил за состаноците.
Таа наведувајќи дека страните од Комитетот за составување на Уставот, составен од 45 лица од опозицијата, невладини организации и претставници на режимот, се договориле за агендата на идните состаноци, нагласи: „Состаноците напредуваат позитивно. За кратко време се согласија за многу прашања.“
- И опозицијата даде позитивни пораки -
Хади ел Бахра, копретседавач на Уставниот комитет од сириската опозиција, во вчерашната изјава даде позитивни пораки.
Ел Бахра, истакнувајќи дека вчерашниот состанок поминал добро, рече дека сите страни се согласиле за методата и агендата што ќе се следат во пишувањето на новиот устав.
- Структура на Комитетот -
Сирискиот Уставен комитет се состои од две структури, голема и мала. Големата структура ги опфаќа сите членови на Комитетот и се состои од три групи: режимот, опозициската делегација и претставниците на граѓанското општество.
Малата структура се состои од 15 лица избрани од три списоци и е одговорна за пишување на Уставот.
Нацрт-резолуциите кои ќе бидат подготвени од страна на Комитетот за пишување на Уставот треба да бидат изгласани од страна на големата структура од 150 члена, а за да бидат одобрени потребно е 75 проценти од членовите да гласаат за одлуката.
Највпечатлива точка за структурата на Комитетот е тоа што има двајца копретседавачи. Копретседавач на опозицијата е Ел Бахра, кој е поранешен претседател на Националната коалиција на Сириската опозиција и револуционерни сили (СМДК). Копретседавач на режимот е правникот Ахмед Кузбари, кој исто така е член на Комисијата што го изработи претходниот Устав.