Vakkas Doğantekin
15 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
СУКРЕ (AA) - Донеодамнешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, се заблагодари на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, поради одлуката да прати специјален претставник во Боливија за да ги поддржи напорите во пронаоѓање на мирно решение за политичката криза во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Го поздравувам и му се заблагодарувам на Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, што го именуваше дипломатот Жан Арно како свој посебен претставник кој ќе се вклучи во дијалог со сите страни и ќе пронајде решение за судирите предизвикани од рушењето на уставниот поредок во Боливија“, напиша Моралес на Твитер.
Гутереш неколку часа пред тоа изрази загриженост поради случувањата во латиноамериканската држава.
„Многу сум загрижен поради случувањата во Боливија. Го замолив Жан Арно да отпатува таму како мој личен претставник и да понуди поддршка на ОН во напорите за пронаоѓање на мирно решение за кризата“, истакна Гутереш.
Моралес во неделата поднесе оставка по повикот на командантот на боливиската војска, Вилијамс Калиман, во обраќањето до нацијата во директен телевизиски пренос.
За Моралес е издадена потерница откако соопшти дека поднел оставка. Тој во моментот е во егзил во Мексико која е меѓу државите кои актуелната криза во Боливија ја осудуваат и ја нарекуваат државен удар.
Пред напуштањето на земјата, Моралес на социјалните мрежи напиша дека ќе се врати во Боливија „со повеќе сила и енергија“.