ЖЕНЕВА (АА) - Од Обединетите нации (ОН) денес соопштија дека продолжуваат консултациите за продолжување на договорот за транспортот на жито по Црното Море, што истекува на 18 март, известува Анадолу.
На прашањето на Анадолу за тоа како ОН ја коментираат најавата на руската страна за продолжување на договорот на 60 дена по состанокот што се одржа вчера (понеделник) и дали ОН бараат подолг период на продолжување, Јенс Ларке, портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи, рече дека засега договорот е во сила.
„Обединетите нации ја забележаа најавата на Руската Федерација за продолжување на иницијативата за црноморското жито за 60 дена“, рече Ларке.
Тој додаде дека во потполност стои зад забелешката на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во која тој потврди дека ќе стори сѐ за да го сочува интегритетот на договорот и да обезбеди негов континуитет.
„Состанокот со Руската Федерација тука во Женева е завршен вчера како што е договорено, меѓутоа, консултациите продолжуваат на сите нивоа“, додаде Ларке.
На прашањето на новинарите каква ќе биде процедурата за продолжување, Ларке истакна: „Ќе видиме што ќе биде во сабота.“
Кетрин Хуисуд, портпаролката на Конференцијата на ОН за трговија и развој, рече дека немаат никакви дополнителни информации.
Вчера заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершињин, изјави дека Москва не се противи уште еднаш да ја продолжи иницијативата за црноморското жито, но само за 60 дена.
Вершињин го изјави тоа по состанокот на руската делегација со генералниот секретар на Конференцијата на ОН за трговија и развој, Ребека Гринспан, и потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор на итната помош, Мартин Грифитс.
Според новинската агенција ТАСС, рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко денес изјави дека се сложиле договорот да биде продолжен за 60 дена.
Украинскиот заменик-премиер Александар Кубраков вчера рече дека ставот на Русија да го продолжи договорот за транспортот на житото по Црното Море за 60 дена е во спротивност со документот што Туркије и ОН го потпишаа во јули 2022 година.
Во јули минатата година, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три црноморски пристаништа, што беше запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година. Благодарение на турските залагања, договорот за житото е продолжен за уште 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.
news_share_descriptionsubscription_contact
