Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
26 Март 2025•Ажурирај: 30 Март 2025
Обединетите нации (ОН) денес објавија дека во Појасот Газа за една недела се раселени најмалку 142.000 Палестинци откако ескалираа обновените израелски бомбардирања и наредбите за раселување, јавува Анадолу.
Повикувајќи се на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA), портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, на прес-конференцијата рече дека „немилосрдните бомбардирања и дневните наредби за евакуација, заедно со тековната блокада на помошта што влегува во Газа и систематското одбивање на пуштање на хуманитарната помош во Појасот, имаат погубно влијание врз целото население од над два милиона“.
Предупредувајќи дека „сè во Газа е при крај - резерви, време и живот“, Дужарик рече дека просторот за преживување на цивилите „се намалува бидејќи нови израелски наредби за раселување се издаваат секој ден“.
„Овие наредби сега покриваат 17 отсто од Газа, околу 61 квадратен километар. Само за една недела 142.000 луѓе се раселени, а сега се очекува тој број да се зголеми“, истакна тој.
„Со секој бран на раселувања, илјадници луѓе го губат не само своето засолниште туку и пристапот до основни работи, како храна, вода за пиење и здравствена заштита“, додаде Дужарик.
Хуманитарната канцеларија, исто така, објави дека израелските сили ги прошириле областите во Газа каде што бараат од хуманитарните организации однапред да ги координираат своите движења. Дужарик изјави дека барањата рутински се одбиваат.
„Во периодот од 18 до 24 март беа одбиени 40 од скоро 50 координирани акции за помош. Тоа е 82 отсто“, рече Дужарик. „И денес половина од нашите координирани мисии се одбиени, односно пет од десет.“
Тој нагласи дека кога е блокиран хуманитарниот пристап, клучните задачи, како што е обновата на основните резерви или полнењето гориво во пекарниците, сериозно се погодени, со што се влошува и онака лошата ситуација.
Израелската армија започна ненадејна воздушна кампања врз Газа на 18 март, во која досега загинаа 830 Палестинци и беа повредени речиси 1.800, со што е прекршен договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што е на сила од јануари.
Убиени се речиси 50.200 Палестинци, главно жени и деца, а над 113.700 се повредени во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.