Haydar Hadi
29 Мај 2016•Ажурирај: 30 Мај 2016
AНБАР (АА) - Ирачките сили веќе седми ден спроведуваат опсежна операција за ослободување на градот Фалуџа кој веќе две години е под контрола на терористите на ДАЕШ, а стотина семејства од тој град ги напуштија своите домови и побегнаа во побезбедни подрачја на ирачката провинција Анбар, јавува Anadolu Agency (AA).
Операцијата на ирачките сили со воздушни напади врз упориштата на ДАЕШ се поддржани и од силите на коалицијата предводена од САД, а над 100 семејства од Фалуџа го напуштија градот и згрижени се во камповите контролирани од страна на ирачките сили во северниот дел на провинцијата Анбар во местото Ет-Тертар.
„Од Фалуџа побегнавме поради постојаното бомбардирање и судирите. Многу семејства, воглавно постари лица и деца, поради големите жештини се откажаа од патот и останаа во своите домови во Фалуџа. Ситуацијата е хаотична и само посакуваме тие злосторници на ДАЕШ да си заминат од нашиот град”, изјави Ум Салих за АА, една од избеганите граѓани на Фалуџа.
Ум Омран, исто така, истакна дека животот во Фалуџа е тежок, бидејќи нема лекови, храна ниту вода, а една боца плин чини 50 долари.
„Успеавме да избегаме под тешки околности. Постојано пристигнуваат семејства и капацетите на овие кампови не се доволни. Ситуацијата не е добра ни тука”, изјави Небил Исави.
Ирачките сили составени од војската, полицијата, шиитската милиција и сунитските племенски сили на 23-ти мај започнаа операција за ослободување на Фалуџа која од летото 2014 година е под контрола на ДАЕШ.