Ruslan Rehimov
15 Април 2023•Ажурирај: 16 Април 2023
БАКУ (АА) - Азербејџан одлучи да ги повлече спортистите од Европското првенство во кревање тегови во Ерменија, откако на свеченото отворање на првенството беше запалено знамето на Азербејџан, јавува Анадолу.
Министерството за млади и спорт на Азербејџан и Националниот олимписки комитет издадоа заедничко соопштение по повод палењето на азербејџанското знаме во Ереван.
Во соопштението се наведува дека знамето на Азербејџан го запалило акредитирано лице на церемонијата на која присуствувал и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.
Се додава дека оваа постапка наишла на одобрување во ерменската јавност и дека лицето што го запалило знамето е прогласено за херој.
Истакнато е дека ова е јасен пример за расизам и непријателство кон Азербејџан во Ерменија и дека е целосно спротивно на целите и принципите на спортот, кој треба да промовира мир и меѓусебно разбирање меѓу народите.
Како што се наведува во соопштението, политизирањето на спортот е апсолутно неприфатливо.
„Поради психолошкиот притисок невозможно е азербејџанските спортисти нормално да учествуваат на натпреварот во Ерменија, каде што владее таква атмосфера на омраза и каде што не може да им се гарантира нивната безбедност. Имајќи го сето ова предвид, одлучено е азербејџанските спортисти да се вратат во својата татковина. Ерменија мора да обезбеди нивно безбедно враќање“, се наведува и се додава:
„Ги повикуваме меѓународната заедница и меѓународните спортски организации најостро да го осудат овој варварски чин. Исто така, ја повикуваме Европската федерација за кревање тегови да воведе санкции кон Ерменија. Оваа случка јасно покажува дека Ерменија не е во состојба да организира меѓународни спортски натпреварувања и да им обезбеди сигурност на спортистите.“
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан најостро се осудува палењето на азербејџанското знаме и се бара лицето што го извршило овој грозен чин веднаш да биде казнето.
На церемонијата на отворањето на Европското првенство во кревање тегови, во моментот кога на сцената беа националните знамиња, едно лице го зеде знамето од девојката што го носеше знамето на Азербејџан и потоа го запали.
Азербејџан на првенството пристигна со тим од 12 спортисти.