Ekipa
15 Април 2023•Ажурирај: 16 Април 2023
КАРТУМ (АА) - Во суданскиот главен град Картум денес избија судири помеѓу Суданските вооружени сили и паравоените сили за брза поддршка, јавува Анадолу.
Истрели и експлозии на бомби се слушнале во близина на седиштето на војската и претседателската палата, јави репортерот на Анадолу од Картум.
Паравоените сили за брза поддршка преку соопштение известија дека нивните сили се наоѓаат во предградието Соба, додека армиски извори рекоа дека паравоените сили се обидуваат да го заземат штабот на армијата.
Паравоените сили соопштија дека нивните борци ја презеле контролата врз аеродромот во Картум и воената база Мероу во Северен Судан.
Армијата ги обвини борците на паравоените сили за брза поддршка дека се обиделе да ги нападнат нејзините сили јужно од Картум.
Несогласувањата меѓу двете страни излегоа на површина во четвртокот кога армијата соопшти дека забележала нелегално движење на паравоените сили без координација.