Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmad Wais
15 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
ИДЛИБ
- Ешреф МУСА / Бурак КАРАЏАОГЛУ
Активистот Махмут Хамави кој ги архивира нападите на режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи од почетокот на граѓанската војна во Сирија досега, кој е и очевидец на хемискиот напад во местото Латамин во март 2017 година, изјави дека локалното население ја изгубило надежта дека на режимот ќе му се суди.
По минатонеделниот извештај на Организацијата за забрана на хемиското оружје, за Агенција Анадолија (АА) зборуваше Хамави кој е очевидец на нападот што силите на режимот го изведоа со сарин и хлор во Латамин во март 2017 година.
Хамави рече дека силите на режимот и неговиот поддржувач Русија врз местото Матамин извршиле повеќе од 9.000 воздушни напади, при што во 3.500 од нив користеле барелни бомби, а во 18 било користено хемиско оружје.

Тој раскажа и за еден од нападите на режимот со хемиско оружје.
„Цел на нападот [на 25 март 2017] беше болницата во Латамин. Пред болницата паднаа две барелни бомби. Една од нив не експлодираше. Другата го содржеше гасот сарин. Миризбата на гасот ја зафати болницата. Од гасот почина д-р Али Дервиш, а повеќе од 20 цивили беа затруени од гасот“, вели Хамави.
Зборувајќи дека на 30 март бил изведен друг хемиски напад јужно од Латамин, Хамави рече: „Хеликоптерите и воените авиони на режимот изведуваа напад. Авионот од типот СУ-22 кој ја исфрли бомбата со гасот сарин полетал во 6:00 часот од воениот аеродром „Шуајрат“ во Хомс. Во почетокот од гасот беа затруени само 10 до 20 лица, но подоцна таа бројка се зголеми до 100.“
- „Народот на Латамин се сомнева дека виновниците и убијците ќе бидат изведени пред лицето на правдата“
Истакнувајќи дека режимот на Асад сѐ уште не одговарал за стореното, Хамави рече: „Во рамките на нашите можности ги презентиравме доказите и примероците од земјата што ги собравме. Голем број примероци, докази и видеоснимки им се предадени на надлежнтие органи. Земени се изјави на сведоците и се испратени до Организацијата за забрана на хемиското оружје. Народот на Ламатин се сомнева дека виновниците и убијците ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Советот за безбедност на ОН досега не објави ниту еден извештај во кој ги осудува извршените масакри врз цивилите.“
Хамави, велејќи дека е сосема нормално што режимот на Асад го отфрла извештајот на Организацијата за забрана на хемиското оружје, истакна дека силите на режимот само во местото Латамин убиле повеќе од 1.500 цивили, не признавајќи го ниту тоа.
Организацијата за забрана на хемиското оружје на 8 април објави извештај во кој се наведува дека силите на режимот на Асад во март 2017 година, во подрачјето на Латамин, северно од Хама, извршиле хемиски напад. Во извештајот се вели дека во нападот биле користени гасот сарин и хлор.