Ekipa
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
РАМАЛА (АА) - Палестина денес ја осуди одлуката на Израелската армија да им дозволи на војниците да пукаат во палестинските „фрлачи на камења“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, Министерството за надворешни работи на Палестина ја смета израелската одлука како „зелено светло за извршување на повеќе теренски егзекуции против Палестинците во зависност од 'каприците, расположенијата и проценките' на војниците“.
Вчера, израелската државна радиодифузна корпорација објави дека Армијата им дозволила на своите војници да пукаат кон Палестинците кој фрлаат камења и молотови коктели.
Објавено е и дека инструкциите биле издадени во последните недели и доставени преку писмен документ до Израелската армија која дејствува на окупираниот Западен Брег.
Палестинското Министерство за надворешни работи ги осуди упатствата како „очигледно непочитување на меѓународното право, меѓународното хуманитарно право и принципите на човековите права и навреда за животите на граѓаните“.
Исто така, се посочува дека целта на наредбите е да се „сее страв и терор“ меѓу палестинската младина и „да се скрши нивната волја за спротивставување на населбите и на доселениците“, предупредувајќи ја израелската Влада дека ќе ја преземе целосната одговорност за расистичката одлука.
Министерството се заложи дека ќе ги ангажира меѓународните тела, институции, организации и Меѓународниот кривичен суд за ова прашање.
Палестинските власти сметаат дека преку постојаното таргетирање на нивните граѓани на Западниот Брег се има за цел да се врши притисок да го напуштат своето огниште.
На израелските рации палестинската младина често одговара со фрлање камења или молотови коктели, против која Израелската армија користи метални куршуми и солзавец.