Sinan Doğan
08 Декември 2021•Ажурирај: 09 Декември 2021
БОГОТА
Конгресот во јужноамериканската земја Перу не го прифати барањето на опозициските партии за разрешување на претседателот Педро Кастиљо поради „трајна морална неспособност“, известува Агенција Анадолија (АА).
Конгресот на Републиката гласаше по предлог на опозицијата за разрешување на Кастиљо од функцијата.
На гласањето во Конгресот, со 46 гласа „за“, 76 „против“ и 4 воздржани, беше отфрлен предлогот на опозицијата за разрешување на претседателот Кастиљо поради „трајна морална неспособност“.
- Предлог на опозицијата
Со собрани 28 потписи, предлогот до Конгресот го поднесоа три опозициски партии, обвинувајќи го Кастиљо, освен за морална неспособност, и за незаконско користење на средствата дадени за време на изборната кампања.
Според перуанскиот закон, 87 од 130 члена на Конгресот треба да гласаат за отповикување на претседателот од функцијата.
Опозицијата тврди дека власта ги малтретирала медиумите, не дала отчет пред јавноста и не вложила никакви напори за да обезбеди слобода на изразување.
- Реакција од Владата
Премиерката Мирта Васкез, реагирајќи на обвинувањата на опозицијата, изјави дека барањето за импичмент претставува напад врз народната волја и демократијата.
- Улогата на Конгресот во Перу
Мартин Вискара, поранешниот претседател на Перу, беше отповикан од функцијата поради „трајна морална неспособност“ со 105 гласа „за“, 19 „против“ и 4 „воздржани“, на гласањето во Конгресот на 10 ноември 2020 година.
По разрешувањето на Вискара на 10 ноември, Мануел Мерино стана привремен претседател, но на 15 ноември беше принуден да поднесе оставка под притисок на Конгресот.
Претходниот претседател на земјата, Педро Пабло Кучински, исто така, ја напушти функцијата во 2018 година по процесот за негов импичмент.