Ahmed Asmar
09 Јуни 2025•Ажурирај: 11 Јуни 2025
АНКАРА (АА) – Меѓународниот комитет за пробивање на блокадата на Газа (ICBSG) денес соопшти дека нема да се откаже од напорите за испорака на итна хуманитарна помош за палестинскиот Појас Газа, откако израелските сили го пресретнаа и запленија бродот „Мадлин“, кој носеше помош за опколениот регион, јавува Анадолу.
„Иако се чувствуваме немоќни и нашите можности се ограничени, продолжуваме да правиме сè што можеме, заедно со слободните луѓе во светот, за да ја отфрлиме војната, да ги отвориме граничните премини и да овозможиме влез на помош“, се наведува во соопштението на Комитетот.
„Напаѓањето бродови што се обидуваат да ја пробијат блокадата нема да нè одврати од нашата мисија“, додаваат тие.
Меѓународниот комитет за пробивање на блокадата на Газа (ICBSG) беше меѓу организаторите за бродот „Мадлин“, кој под британско знаме се обиде да ја пробие блокадата наметната од Израел врз Газа, каде што речиси 55.000 луѓе се убиени во брутални напади од октомври 2023 година.
Бродот, кој превезувал храна, адаптирано млеко и други хуманитарни средства, беше пресретнат од израелските сили во текот на ноќта, пред да стигне до брегот на Газа, со планови насилно да биде пренасочен кон пристаништето „Ашдод“.
Израелското Министерство за надворешни работи најави дека активистите ќе бидат депортирани во своите матични земји.
По израелското пресретнување на бродот, специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе, ги повика медитеранските пристаништа да испратат повеќе бродови за помош, нарекувајќи ги обидите за пробивање на израелската опсада „законска должност за државите и морален императив за сите“.
„Тие ќе пловат заедно - обединети, ќе бидат незапирливи“, рече таа, повикувајќи на итно ослободување на хуманитарниот брод „Мадлин“.
„Владата на Велика Британија мора итно да побара целосно разјаснување и да обезбеди итно ослободување на бродот и неговиот екипаж“, рече Албанезе.
„На 'Мадлин“ мора да му биде дозволено да ја продолжи својата законска хуманитарна мисија во Газа.“
Бродот со помош, управуван од Коалицијата „Флотила на слободата“, исплови за Газа на 1 јуни од пристаништето „Сан Џовани Ли Кути“ на Сицилија, Италија.
Меѓу екипажот се францускиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Турција, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.
Од почетокот на март, Израел ги држи затворени сите гранични премини кон Газа, што целосно ја прекина доставата на хуманитарна помош, вклучително и храна, лекови и гориво, за 2,4 милиони жители на енклавата.
Хуманитарните организации предупредуваат дека постои сериозен ризик од глад во Газа.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради злосторствата извршени врз цивилното население во енклавата.