Ahmed Gouda,Hamdi Yıldız
17 Октомври 2023•Ажурирај: 17 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Повеќе од 60 Палестинци, главно жени и деца, загинаа во нападите на израелската армија врз блокираниот Појас Газа во текот на изминатата ноќ, јавува Анадолу.
Израелските сили продолжија да напаѓаат различни делови на Газа со борбени авиони, бродови и артилерија во текот на ноќта.
Според палестинската новинска агенција ВАФА, во воздушните напади Израел гаѓал многу локации во Појасот Газа, особено градот Рафа на египетската граница и Кан Јунис.
Според информациите од медицинските установи во Газа, 26 лица, меѓу кои жени и деца, загинале, а десетици се ранети во воздушен напад врз зграда во Рафах, која се наоѓала на југот на градот во близина на границата со Египет.
Во израелскиот напад на зграда во градот Кан Јунис животот го загубиле повеќе од 25 Палестинци, меѓу кои и деца, а ранетите се згрижени во медицинскиот комплекс „Насер“.
Во напад на квартот Римал, во западниот дел на Газа, загинале осум лица што се наоѓале во една куќа.
Во бомбардирањето на куќа во квартот Зајтун, во западниот дел на Газа, животот го загубиле две лица, едниот од нив новинар, а ранети се членови на семејството.
Израелски воени авиони ги нападнаа и бегалските кампови Нусајрат и Шати во централниот и западниот дел на Газа. Покрај загинатите и ранетите, во нападите е предизвикана и голема материјална штета.
Израелската армија веќе 11 дена интензивно го бомбардира Појасот Газа, кој со години е под израелска блокада.
Повеќе од еден милион луѓе, речиси половина од вкупното население на Газа, се раселени од своите домови, објави Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток.
Газа се соочува со хуманитарна криза без струја, а останува и без вода, храна, гориво и медицински материјали. Цивилите бегаат на југ по израелското предупредување да ги евакуираат северните подрачја.
Борбите започнаа кога Хамас презеде повеќекратни ненадејни напади на 7 октомври, со голем број ракетни напади и упади во Израел по копно, море и воздух. Хамас рече дека операцијата била одмазда за претходните рации на џамијата „Ал Акса“ и зголемувањето на насилството од израелските доселеници.
Израелската војска како одговор започна операција против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз блокираниот Појас Газа се искачи на 2.778, а повеќе од десет илјади луѓе се ранети, соопшти Министерството за здравство во Газа.
Во Израел, во нападите од Газа загинаа околу 1.300 луѓе, вклучително 299 војници, а 3.968 Израелци се ранети.