Elvır Hodzıc
13 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
ПАРИЗ
Француските безбедносни сили денес спроведоа максимални безбедносни мерки во Париз, каде што синоќа се собраа илјадници демонстранти кои со конвои од возила демонстрираат поради воведувањето ковид-дозволи, но и поради политиката на претседателот на Франција, Емануел Макрон, известува Агенција Анадолија (АА).
Полициската управа на Париз соопшти дека се ангажирани 7.500 полицајци со цел да ги спречат демонстрантите од цела Франција да го блокираат главниот град со протестите што се организирани под името „Конвој на слободата“. Претходно надлежните власти го забранија овој собир.
Во текот на синоќешниот обид за блокада на Париз, полицијата приведе стотици демонстранти, а прекршочни казни им се изречени на 513 лица.
Најголемите немири се забележани во квартот Шанзелизе и во Булоњската шума, каде што полицијата доцна синоќа ги растера демонстрантите.
Станува збор за протестно движење кое е инспирирано од канадското движење „Конвои на слободата“, што се одржува во Отава веќе трета недела по ред.
Неколку стотици возила рано утрово го напуштија парискиот регион и тргнаа кон Брисел, каде што и покрај забраната од страна на белгиските власти, имаат за цел утре да одржат протести.