Jo Harper
20 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
ВАРШАВА (АА) - Полска ги одби предлозите на Европската Унија (ЕУ) за префрлање на мигрантите од медитеранскиот остров Лампедуза низ земјите членки, изјави денес полскиот заменик-министер за внатрешни работи, Мачеј Восик, јавува Анадолу.
„Никој не може да нѐ принуди да го направиме ова. Ќе постапиме на начин што нема да прифаќаме мигранти. ЕУ се подготвува да воведе таква принуда. Затоа одржуваме референдум за Полјаците да го кажат својот збор“, изјави Восик за полското радио.
Јавното гласање за миграцијата и за три други прашања, а и парламентарните избори во Полска се закажани за 15 октомври.
Планот од 10 точки на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за Лампедуза, меѓу останатите ветувања, вклучува и поддршка на трансферот на мигрантите во други земји членки на ЕУ и нивно враќање во нивните земји на потекло.
Минатата недела неколку илјади луѓе пристигнаа на италијанскиот остров со брод од Северна Африка, принудувајќи ги локалните власти да прогласат вонредна состојба.
ЕУ истакна дека планот има за цел да ја намали нерегуларната миграција и да обезбеди итна помош од ЕУ за италијанските власти, во согласност со фундаменталните права и меѓународните конвенции.
На прашањето на радиоводителот „колку мигранти од Лампедуза ќе прифати Полска“, Восик одговори: „Ниту еден.“
„Да ве потсетам дека такви предлози се на маса од 2015 година... ПиС [Партијата за правото и правдата] не се согласува на никаква принудна релокација“, рече тој. „Ситуацијата во Европа мора да се промени, Европската комисија мора да го смени својот пристап кон ова, и генерално, мора да се смени ставот во неколку европски земји кои досега водеа по прифаќањето на мигрантите.“