Mustafa Keleş,Selçuk Acar
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - Помошникот генерален директор на „Халкбанк“, Мехмет Хакан Атила е приведен на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк, во врска со случајот на бизнисменот Риза Сараф. По приведувањето, Атила е префрлен во Окружниот суд за јужната област на Њујорк, каде што е изведен пред судијата Џејмс Ц. Френсис, јавува Anadolu Agency (AA).
На Атила му беа прочитани обвинувањата во судот.
Судијата Френсис му соопшти дека за него се подигнати две обвинувања, за „прекршување на санкциите на САД кон Иран“ и за „банкарски измами”. Доколку се докаже дека е виновен, за првото обвинување ќе добие казна од 20 години затвор, додека за второто обвинување може да добие затворска казна во траење до 30 години.
На судското рочиште, Атила беше застапуван од адвокат доделен од судот.
По барање на обвинителот, судијата го продолжи притворот на обвинетиот и следното рочиште го закажа за 10 април.
Во соопштението што претходно беше дадено од страна на Окружниот суд за јужната област на Њујорк се вели дека Атила е обвинет затоа што заедно со бизнисменот Риза Сараф и со некои други лица „користејќи ги американските финансиски институции, ги прекршувал санкциите што САД ги има воведено кон Иран“.
Атила е приведен на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк, тргнувајќи на пат за Турција.
- Соопштение од „Халкбанк”
Во врска со настанот „Халкбанк” потврди дека во САД е приведен помошникот генерален директор на „Халкбанк“ Мехмет Хакан Атила, а платформата на Халкбанк за информирање на јавноста ја даде следната изјава:
„Помошникот генерален директор на ‘Халкбанк’ за меѓународно банкарство, Мехмет Хакан Атила, на 28 март 2017 година е приведен во САД, каде што ја извршува својата должност. По првото рочиште, дадено е време за подготовка на обвинителниот акт. Откако ќе бидат обезбедени информации по ова прашање во врска со нашата банка и држава, во најкус временски период тие ќе бидат споделени со јавноста. Во тој поглед, ја информираме јавноста дека сите информации и коментари објавени надвор од она што ќе биде соопштено од страна на нашата банка и надлежните органи се шпекулации.